21 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКомерцијална банка прослави 60 години

Комерцијална банка прослави 60 години

komercijalna-banka22

Една од водечките банки во Македонија, Комерцијална банка АД Скопје во понеделникот вечерта со свечена Академија прослави 60 години од своето постоење.

Банката во изминатите 60 години неколку пати го променила своето име. Основана е во 1955 година под името Комерцијална банка на Град Скопје, во 1966 година била преименувана во Комерцијално-инвестициска банка на Град Скопје. Во 1973 година била преименувана во Стопанска банка-филијала Скопје, а од 1976 година го носела името Стопанска банка –основна банка Скопје. Денешното име го носи од 1989 година.

Банката на почетокот во 1955 година имала 80 вработени, а денес таа бројка изнесува 1.110 вработени.

„Во изминатите 60 години први во државата направивме многу работи кои не донесоа до врвот. Вистина е дека е многу потешко е да се остане горе отколку да се искачува“, порача главниот извршен директор на Комерцијална банка АД Скопје, Хари Костов.

Тој најави дека во годините што доаѓаат банката потпрена на новите информатичките технологии ќе направи значајни чекори кои ќе ја изедначат со светските стандарди во банкарското електронско работење.

„Нашите стратегиски цели за следните пет години остануваат на цврсти економски принципи да се обезбедува, максимална добивка на акционерите на долг рок, иако морам да признам дека во последните две години заради сплет на повеќе околности не бевме баш најуспешни во тој поглед“, рече Костов.

Вкупната актива на банката заклучно со 31.12 2014 година достигнала 92,8 милијарди денари, што претставува пораст од 6,8 отсто на годишно ниво. Најголемо учество во вкупната актива од 51,4 отсто бележат нето кредитите одобрени на клиенти. Нивниот вкупен износ изнесува 47,6 милијарди денари.

Во 2014 година банката забележала пораст на депозитите во услови на засилена конкуренција и намалени каматни стапки. Така вкупните депозити на крајот на 2014 година достигнале износ од близу 80 милијарди денари, при што доминантна категорија и натаму се депозити на домаќинствата кои изнесуваат 59 милијарди денари. Од аспект на валутната структура, учеството на денарските депозити е поголемо и изнесува 54 отсто.

Банката работи со повеќе од 41.000 корпоративни клиенти и со 890.000 граѓани и има 85.000 корисници на услуги на интернет и 4.200 корисници на новите услуги на мобилното банкарство.

Комерцијална банка традиционално држи околу 30 отсто од македонскиот банкарски пазар, а успеа да ја задржа улогата на лидер во финансиското посредување.

Комерцијална банка АД Скопје е на прво место во  државата во неколку значајни категории, како што се големината на вкупната актива, депозитите на домаќинствата, одобрените кредити на нефинансиски правни лица, финансирање на надворешно-трговското работење и бројот на отворени денарски сметки на правни лица, додека според големина на капиталот е втора по вредност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП