23 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто сакаат кредиторите од Грција?

Што сакаат кредиторите од Грција?

grcija2

Отпуштањето на 25.000 државни службеници до крајот на оваа година е една од главните препреки во преговорите на Атина со „тројката“ кредитори.

Грција најави дека се можни задоцнувања во ветените отпуштања, додека „тројката“ (Европската Унија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка) инсистира на прецизен одговор, бидејќи од нејзините извештаи зависи и исплатата на дел од кредитот за Атина кој треба да биде исплатен во март.

Грците стравуваат дека европските кредитори можат да им наметнат ново штедење, иако министерот за развој Коста Хаџитакис ги уверува своите сонародници дека нема да им биде намалена платата и дека во текот на преговорите не станало збор за намалување на минималната плата.

На дневен ред останаа уште многу прецизирања околу намалувањето на данокот на додадена вредност од 23 на 13 проценти, намалувањето на даноците на горивото, како и деталната одлука за отпуштањето на државните службеници.

Премиерот Антонис Самарас веќе нареди министерствата и државните установи да состават списоци, но процесот оди тешко и има проблеми. На списоците досега се напишани 12.700 службеници кои ќе добијат отказ до јуни, додека кредиторите бараат до крајот на годината вкупно 25.000 државни службеници да добијат отказ.

Министерот за финансии Стурнарас вели дека Грција ќе ги плати сите нејзини долгови, иако, како што вели, „програмата е многу тешка и болна за нацијата бидејќи нема друга алтернатива“.

Тој нагласува дека е активирана програмата за приватизација и дека нема да има продажба на островите. Тој мислеше за големите острови за кои беа заинтересирани европските кредитори.

Стурнарас пред состанокот со „тројката“ тврди дека се подобро се одвива и наплатата на даноците, со кои претходно „тројката“ не беше задоволна.

Медиумите претставија документ кој е составен од аналитичарите на ЕУ и ММФ, во него се наведува дека во праксата на Грција се „постигнати само фрагментарни успеси во наплатата на даноците, за што се одговорни државните органи кои се неспособни да најдат, подготват и постават квалифицирани инспектори кои можат да донесуваат самостални одлуки“.

Во документот се поставува прашањето како Грција ќе се избори со проблемите на даночно затајување и дека не е невозможно набргу на дневен ред повторно да дојде до потребата за намалување на трошоците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП