30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ: Ќе го вработиме и обновиме Балканот

ЕУ: Ќе го вработиме и обновиме Балканот

file1

Европската комисија работи на програми за отварање нови работни места и социјални реформи во земјите кандидати за членство, вели комесарот Штефан Филе.

ЕК и советот на министри на ЕУ подготвуваат “амбициозна програма за проширување” во првата половина од годината, изјави европскиот комесар  во расправата која ја свика групата на социјалистите во Европскиот парламент со цел да се разгледаат социјалните и другите последици од европската криза на проширувањето.

Комесарот објасни дека преку механизмот – фондот Рамка за инвестиции на Западен Балкан ќе се обезбедат средства за изградба и осовременување на важни области како сообраќајот, енергетиката, климатските промени, како и за социјалниот сектор.

Тој изјави дека од голема корист е и охрабрувањето на зоната ЦЕФТА за слободна тргија на Западниот Балкан, а таа зона може да се продлабочи и прошири, со поволни услови за странските инвеститори, така што ќе се унапреди инфраструктурата и логистиката во регионот.

Филе изјави дека ова го најавила Европската комисија во Стратегијата за проширување која ја прифатија лидерите на ЕУ.

Осврнувајќи се на „загриженоста поради социјалните последици од проширувањето, тој укажа дека Европската комисија за таа цел најавила „Дијалог за вработување и социјални реформи“, во земјите кои се на пат за влез во ЕУ.

Тоа значи економски раст во процесот на проширување, во согласност со стратегијата на ЕУ за јакнење на економијата, конкурентноста, иновациите и отварањето на нови работни места до 2020 година.

Тој дијалог има за цел да изгради програма за отварање на нови работни места и социјални реформи, односно со практични чекори тие цели да се постигнат.

Дијалогот, оваа година ќе почне со Турција и Црна Гора, а следната година со Србија и Македонија.

Филе наведе дека економската криза во ЕУ има тешки последици и во Западниот Балкан, кои се манифестираат со голема невработеност, особено кај младите, осиромашување и влошување на условите за работа заради слабото владеење на правото и високото ниво на сива економија.

Затоа враќањето на трајниот економски раст е голем предизвик за земјите од Западниот Балкан, предупреди комесарот, потенцирајќи дека ЕК е подготвена да им помогне на владите од регионот.

Тоа конкретно и во краток рок значи засилен надзор на економиите на земјите од регионот и барање од владите среднорочно да ги унапредуваат и да ги засилат економските програми и политики.

ЕК ќе продолжи да ја користи Рамката за финансирање на Западниот Балкан за кредитирање на инвестиции во транспортот, енергетиката, климатските промени и социјалните мерки.

Филе, повтори дека политиката за прием на нови членки во ЕУ се темели на строги услови, насочени кон зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Комесарот предочи дека процесот кој води до влез на нови членки на ниеден начин не ја предизвикал кризата во ЕУ, иако во унијата има замор од проширување, а на Западниот Балкан замор од реформи – се повеќе од владите од регионот ги ставаат домашните потреби пред задачите и подготовките за членство во ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП