Американскиот концерн „Boeing“, најголемиот светски производител на авионска, космичка и војна техника, во изминатата година доби рекорден број на нарачки за комерцијални авиони, соопшти компанијата.
„Boeing“ во 2014 година примил нарачки за вкупно 1.432 авиони, во споредба со 1.335 авиони од 2013 година. Претходниот рекорд беше остварен во 2007 година, објави „The Wall Street Journal“.
Бројот на нарачките на крајот на 2014 година достигна 5,789 авиони, а нивната испорака е планирана до почетокот на наредната деценија (2020 година).
„Boeing“ и неговиот главен конкурент, францускиот „Airbus“ го зголемуваат производството на авиони, без оглед на тоа што некои од големите клиенти започнаа да ги намалуваат плановите за проширување на работењето под притисок на неповолната економска ситуација, пишува американскиот весник.
Компанијата соопшти дека бројот на авиони чии нарачки се откажани и одложени минатата година е намален на 118 единици, од 176 во 2013 година.
Во текот на цела 2014 година, американскиот концерн им испорача на клиентите рекорден број од 723 авиони. Аналитичарите прогнозираат дека во 2015 година испораката на „Boeing“ ќе надмине 760 авиони, а до крајот на оваа деценија тој број ќе достигне 900 авиони.