„BlackBerry“ развива посебен самоуништувачки смартфон за „Boeing“. Уредот е предвиден за компаниите кои имаат потреба од највисоко ниво на безбедност и војската, соопштува интернет изданието „GeekWire“.
„Среќни сме да објавиме дека работиме со „Boeing“, за да обезбедиме мобилни решенија за „Android“ уреди кои ќе ја користат нашата платформа „BES 12“. Тоа е се што ми дозволуваат да кажам“, коментира извршниот директор на „BlackBerry“, Џон Чен за време на состанокот со инвеститорите, аналитичарите и новинарите.
Според агенцијата „Reuters“ станува збор за телефонот „Boeing Black“, кој се појави на почетокот од оваа година. Уредот се продава на војската, владините агенции и специјализираните компании.
Куќиштето му е запечатено со смола и специјални завртки. Секој обид телефонот да биде отворен, ќе доведе до бришење на податоците и софтверот во него, по што уредот ќе стане неупотреблив.
Од „Boeing“ објавија дека всушност работат заедно со „BlackBerry“ за создавање на „мобилни решенија за „Android“ уреди кои ја користат нивната платформа „BES-12““. Компанијата сепак не планира да дава дополнителни податоци за уредот поради неговата посебност. Информации за тоа ќе се дава само на потенцијалните клиенти и тоа по потпишувањето на договор за доверливост.