20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСеквестерот почна, Мајкл Блумберг смета дека САД може неограничено да се задолжува

Секвестерот почна, Мајкл Блумберг смета дека САД може неограничено да се задолжува

Michael-Bloomberg-1024x682

 Американскиот претседател Барак Обама вчера го потпиша налогот за стапување на сила на буџетските кратења познати како секвестер, кои во текот на 2013 година ќе го намалат американскиот буџет за околу 85 милијарди долари, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Претходно, во обраќање до нацијата, Обама истакна дека последиците од кратењето на буџетот по економијата на САД ќе бидат сериозни и ја обвини републиканската опозиција за секвестерот велејќи дека не сакале дополнително да ги зголемат даноците за компаниите и побогатите Американци.

– Тие дозволија да се случат кратењата на буџетот бидејќи одбиваат да попуштат и не сакаат да затворат ниту една од штетните даночни дупки за да помогнат да се намали буџетскиот дефицит. Решија да ги заштитат даночните олеснувања за богатите и добро поврзаните лица, и според нив, тоа изгледа е поважно отколку да ја заштитат нашата армија и семејствата од средната класа од болката која ќе произлезе од овие кратења, изјави Обама во средба со новинарите во Белата куќа.

Првите луѓе на Републиканската партија во Конгресот, Џон Бојнер и Мич Меконол, во вчерашната средба со Обама, потсетија дека претседателот веќе доби покачување на даноците во буџетските преговори околу Нова година, и дека сега на ред е планираното намалување на буџетот.

Тие оценија дека Обама драстично ги преувеличува очекуваните последици од секвестерот, кој сепак се однесува на само мал дел од американските расходи, и потсетуваат дека и со овие кратења, буџетот на САД пак ќе биде поголем во однос на минатата година.

– Претседателот ги доби даночните зголемувања кои ги бараше на 1 јануари. Ние ќе предложиме законски решенија за да се продолжи финансирањето на работата на државните институции, и се надевам дека нема да мораме да се соочиме со затворање на Владата додека работиме на надминување на секвестерот, изјави Бојнер.

Една од најсериозните последици од неможноста да се постигне договор околу буџетот меѓу двете најголеми партии во САД е опасноста од затворање на сите владини институции кои не се ургентно потребни за функционирање на државата.

На прес-конференцијата, на прашањето зошто не ги принуди републиканските водачи на разговори додека не се постигне конечен договор, Обама одговори дека тој нема џедајски моќи како во филмовите Војна на ѕвездите.

Обама најави дека и покрај намалувањето на буџетот, тој ќе продолжи да ги промовира предложените решенија за повеќе финансии за образованието, зголемување на минималната плата и инвестиции во инфраструктурата.

Секвестерот беше договорен во 2011 година, како дел од преговорите околу продолжувањето на задолжувањето на САД, кои веќе имаат рекорден долг од 16,6 трилиони долари.

Според договорот постигнат тогаш, САД продолжија да позајмуваат, но под услов да се прифатат овие кратења кои би требало во рок од 10 години, до 2011 година, да ги намалат вкупните расходи за трилион долари. САД секоја година позајмуваат околу еден трилион долари.

Во меѓувреме, градоначалникот на Њујорк мултимилијардерот Мајкл Блумберг, изјави дека САД не треба да се грижат поради својот долг, бидејќи немаат проблем со наоѓањето на држави и финансиски институции спремни да им позајмат повеќе пари.

– Трошиме пари кои ги немаме, но ние не сме како обично семејство. Во семејството, не можете да ги трошите парите кои ги немате бидејќи никој нема да ви позајмува неограничени количества пари. Но, има луѓе кои се подготвени на Владата на САД да и позајмуваат неограничени количества на пари. Нашиот долг е толку голем, што на нашите заемодавачи им е неприфатливо да престанат да ни позајмуваат пари. Како во старата приказна, ако и должиш на банката 50.000 долари, имаш проблем со неа. Ако и должиш 50 милиони долари, тогаш банката има проблем со тебе. Така е и со нашите заемодавачи, не смеат да престанат да ни позајмуваат пари, изјави Блумберг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП