Стапката на невработеност во 17-члената еврозона во ноември достигна ново рекордно ниво од 11,8 проценти.
Стапката на невработеност е зголемена за 0,1 процентен поен во однос на претходниот месец, соопшти канцеларијата за статистика на Европската унија, Еуростат.
Бројот на невработени во 17-члената еврозона, чие население достигнува околу 330 милиони, во ноември достигна речиси 19 милиони, при што армијата од невработени лица само во последните две години се зголеми за повеќе од два милиони, покажуваат податоците на Еуростат.
Најголема стапка на невработеност во ЕУ од 26,6 проценти во ноември забележа Шпанија, која е тешко погодена од колапсот на пазарот за недвижности и од лошите банкарски кредити. Потоа следи Грција со 26 проценти. Двете земји го држат неславниот рекорд во групата на помлади од 25 години, каде што стапката на невработеност изнесува околу 57 проценти.
Според сезонски прилагодените податоци кои Еуростат ги објавува за полесна споредба со главните трговски партнери на ЕУ, стапката на невработеност во САД и во Јапонија изнесувала 7,8 проценти, односно 4,1 процент.