Гувернерот на Банката на Англија (BOE), Мервин Кинг предупреди дека монетарното олабавување не е семоќен лек за економијата.
Тој ги отфрлува стравувањата околу глобалната валутна војна, во време кога Токио е мета на критиките поради неодамнешниот пад на јенот.
„Потпирањето само на монетарните стимуланси не е никаков лек. Како што минува времето, потребни се се поголеми дози на стимулација“, изјави Кинг во говорот пред банкарската асоцијација во Токио.
Гувернерот потенцираше дека, иако со монетарната политика може да се постигне многу, таа не може да се избори со државните долгови, ниту да ги реши структурните проблеми во економијата, како и стареењето на населението, што влијае на јавните финансии во светот.
Лондон, Токио и Вашингтон се борат да го ограничат растот на јавните долгови, а истовремено се обидуваат да го поттикнат и економскиот раст.
„Монетарната политика може малку да го намали девизниот курс, што ја отежнува ситуацијата во другите земји, но и влијае врз растот на потрошувачката во земјата, со што ќе се поттикне побарувачката за увоз од другите земји“, вели Кинг.