20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата ќе ја намалува сивата економија

Државата ќе ја намалува сивата економија

siva-ekonomija

Засилување на инспекциските надзори во повеќе сегменти, унапредување на законската регулатива, олеснување на вработувањето сезонски работници, објавување црна листа на фирми кои работат неправилно, откривање даночни обврзници кои вршат нерегистрирана дејност,  мерки и санкции за олеснување на преминот од неформалниот во формалниот сектор, се само дел од активностите што ќе ги преземе државата за да продолжи да ја намалува сивата економија.

Презентирајќи го Акцискиот план за борба против сивата економија за 2013 година, министрите за труд и социјална политика Спиро Ристовски и за економија Ваљон Сарачини, истакнаа дека активностите кои ќе се преземаат ќе бидат координирани меѓу институциите кои имаат надлежност во оваа сфера. Тие, според нив, треба да овозможат натамошно намалување на процентот на сивата економија, кој за разлика од пред седум години кога изнесувал четириесеттина проценти од БДП, сега е намален и се движи од 25 до 30 проценти.

Министерот за труд посочи дека Акцискиот план е направен врз основа на анализа и на спецификите на сивата економија во Македонија.

– Активностите на МТСП се однесуваат на вработувањето, како развој на пакети на мерки кои опфаќаат институционални, превентивни мерки и санкции за поттикнување и олеснување на преминот од неформалниот во формалниот сектор, финансика поддршка за постојни бизниси на евидентирани невработени лица кои имаат искуство во дејноста, односно формализација на постојни бизниси, рече Ристовски.

Додаде дека ќе продолжат и инспекциските надзори за откривање непријавени работници. Во изминатите четири години, рече Ристовски, таа бројка е четирикратно намалена, и ако во 2009 годишно биле затекнати 3.274 работници, во 2012 таа бројка е намалена на 829. Покрај контролите, според министерот за труд и социјална политика, и последните измени на Законот за работни односи, исто така, ќе го стеснат просторот работодавачите да ангажираат работници на црно.

Министерот за економија Сарачини, смета дека борбата со сивата економија треба да продолжи со силно темпо иако, како што рече, таа е намалена во изминатите години, пред се со реформата на даночниот систем преку воведувањето на рамниот данок и на системот на социјално осигурување со намалување на висината на придонесите, со воведувањето бруто плата, регулаторната гиљотина… кои го намалиле мотивот за евазија на даноците и придонесите и за работа во сивата зона.

Иако првата асоцијација, рече Сарачини, е дека сивата економија се продавачите на тезги и ситните трговци, таа во голем дел ја има и во индустријата, градежништвото, услужните дејности, туризмот.

– Во акцискиот план се предвидува воведување засилен инспекциски надзор во областите каде сивата економија е најприсутна. Предвиден е засилен надзор на лица кои вршат трговска, угостителска или туристичка дејност, надзор на концесионерите кои вршат детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, истакна Сарачини.

Борбата со сивата економија, истакна министерот Сарачини, мора да продолжи поради нејзиното лошо влијание врз економските параметри на државата но и врз креирањето на макроекономската политика.

Тој додаде дека овие мерки се продолжение на оние кои претходно се реализирале, а давале резултати. Во 2012, како што рече Сарачини, биле направени околу 40 илјади инспекциски надзори, односно 10 илјади повеќе од 2011 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП