30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерот Димовски се сретна со словенечкиот амбасадор Раковец

Министерот Димовски се сретна со словенечкиот амбасадор Раковец

dimovski-rakovec

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска се сретна со  амбасадорот на Словенија Бранко Раковец.

На средбата, како што соопшти ресорното Министерство, станало збор за соработката на земјите во областа на земјоделството, која се реализира согласно Договорите меѓу двете земји за соработка во областа на заштита на растенијата и на полето на ветеринарната медицина.

Словенија, според Димовски, е еден од стратешките партнери на Македонија во поддршката на структурните и правни реформи во процесот на европската интеграција. Тој го информирал амбасадорот Раковец дека словенечката Влада издвојува одреден буџет за исполнување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија, односно реализирање на европската ориентација на земјата.

Главно техничката поддршка од Словенија во областа на земјоделството се реализира согласно Програмата за техничка соработка, која се ажурира и надополнува секоја година. Техничката помош преку оваа програма се реализира преку различни форми на поддршка, експертска помош, студиски посети, обуки, работилници во областа на руралниот развој, сточарството, односно млеко производството, подготвување на оперативната структура за спроведување на ИПАРД, различни сегменти од земјоделскиот – информативен систем, како и уредување на заеднички пазари за одделени земјоделски производи.

Во рамки на Програмата за техничка соработка во областа на земјоделството, годинава техничката помош ќе се реализира во областа на фитосанитарната политика, анализа на земјоделската политика, трговската политика, шумската и ловната инспекција, зоотехниката, како и во областа на семето и садниот материјал. Интензивна техничката соработка со словенечките колеги, како што е наведено во соопштението, е реализирана и преку ТАИЕХ инструментот во областа на фитосанитарната инспекција, семе и садниот материја, органското земјоделско производство, медиумска кампања за руралниот развој.

Димовски истакнал, дека преку АгБиз програмата обезбедена е експертска помош во процесот на подготвување на значајни стратешки документи за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а спроведени се и обуки за зајакнување вештини на преговарачките тимовите за поглавје 11 за земјоделството и руралниот развој. Словенечки експерти учествувале и обезбедувале поддршка во рамките на ИПА проектите од 1 компонента (техничка соработка и институционална надградба) како што беше во рамките на проектот за Агро-еколошката програма, уредување на заедничките пазари итн.

Амбасадорот Раковец, според соопштението, истакнал дека успешната соработка меѓу двете земји треба да продолжи и понатаму.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП