29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСe асфалтира автопатската делница од Петровец кон скопскиот аеродром и кон Велес

Сe асфалтира автопатската делница од Петровец кон скопскиот аеродром и кон Велес

avtopat559

Започна асфалтирањето на коловозната површина на дел од автопатот „Александар Македонски“ во делот по наплатната станица „Петровец“, во правец на клучката кон аеродромот „Александар Македонски“ и кон Велес, изјави директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Комплетната рехабилитација се состои од вадење, односно гребење на постојниот асфалт, кој беше доста руиниран и со голем број крпеници. Изгребени се преку 900 метри кубни асфалт, по што следува поставување нов слој асфалт со дебелина од седум сантиметри.

Вкупно ќе се асфалтира површина од преку 14.500 метри квадратни по што ќе се изврши поставување хоризонтална сигнализација во должина од преку 2.500 метри. Рокот на завршување на работите е крајот на август. Договорената вредност е 14,3 милиони денари, изјави Георгиевски по обиколката на работите на патот.

Тој информира дека во меѓувреме, во тек се активности на делницата Велес-Катланово од автопатот „Александар Македонски“, во должина од 23,5 километри со ширина на коловозот од 10.7 метри. На овој дел од автопатот се гребе постојниот асфалтен коловоз, се врши санација на шест насипи на кои има појавено големи слегнувања, а надградбата на асфалтниот коловоз ќе биде во два слоја со дебелина од 12 сантиметри.

Според Георгиевски, на оваа делница ќе се изврши и целосна обнова на вертикалната и хоризонталната сигнализација. Договорната вредност на градежните работи изнесува 5.65 милиони евра, а градежните работи се отпочнати во јули, со рок на градба од 12 месеци, односно до јули 2015 година.

Со цел за подобрување на безбедноста на патиштата, тој посочи дека ЈП за државни патишта од сопствени средства изработи проекти за рехабилитација на три автопатски делници од Коридорот 10 и тоа за рехабилитација на делницата Куманово – Миладиновци, на автопатската делница Неготино-Демир Капија и за реконструкција на постоен коловоз со доградба на ленти на делницата Смоквица – Гевгелија.

За делницата Миладиновци – Куманово се планира целосна рехабилитација на коловозот во должина 22,5 километри, во двете насоки, како и рехабилитација на пристапни рампи на клучки. Покрај ова, со проектот се предвидува и санација на оштетени делови на сите објекти (мостови, пропусти и слично), обнова на хидроизолација, систем за одводнување, поставување заштитни огради, заштитни бариери, како и целосна обнова на сообраќајната сигнализација. Рехабилитацијата ќе започне од наплатната станица Миладиновци кон Куманово, а ќе биде опфатена и клучката Коњаре за Крива Паланка, односно ќе завршува еден километар по таа клучка.

Проектната документација е целосно подготвена и ЈПДП ќе го чини 48 милиони денари, а се планира да започне во втората половина на 2015 година со рок за завршување од 18 месеци.

Вредноста на договор за проектирање на делницата Неготино – Демир Капија, пак, која е во должина од 8,8 километри, изнесува 19.906.600 денари. Со проектната документација ќе биде опфатена целосна санација на коловозот во двата правци на оваа делница, а целосно ќе биде обновена и сообраќајната сигнализација.

Овој проектот е планирано да биде финансиран со средства од ИПА пристапните фондови, а реализацијата треба да започне на крајот на 2016 година и да заврши за околу една година.

Со третиот проект – реконструкцијата и рехабилитација на постојната делница од Смоквица до Гевгелија во должина од 10 километри, постојниот коловоз од сегашните 7,7 ќе биде проширен на 10,7 метри.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП