Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека курсот на еврото во споредба со доларот помеѓу 1,30 – 1,40 долари за евро е нормален.
„Во историски контекст, курсот на еврото од помеѓу 1,30 – 1,40 долари за евро е сосема нормален“, изјави Меркел на економската конференција во Берлин, поради загриженоста на одделни земји дека еврото е премногу скапо во споредба со останатите валути.
Меркел изјави дека Германија ќе го поддржи слободното движење на девизните курсеви и оцени дека неодамнешните изјави на министрите за финансии на Групата Г20 – најразвиените земји во светот, претставуваат добар знак.
На минатогодишниот состанок во Москва, водечките светски сили соопштија дека нема да поставуваат одредени цели за курсната листа, ниту дека ќе ја ослабат вредноста на валутите со цел да ги направат повеќе конкурентни, со ветување дека нема да дојде до „војна на валутите“.
Одредени членки на еврозоната, особено Франција, изразија загриженост дека премногу силното евро може да му наштети на извозот и да го загрози закрепнувањето на еврозоната, додека некои други земји ја обвинија Јапонија дека намерно ја намалува вредноста на јенот со цел да го поттикне сопствениот извоз.