28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтаврески: Инвестицијата на Рој ќе продолжи и ќе биде реалност

Ставрески: Инвестицијата на Рој ќе продолжи и ќе биде реалност

stavreski

Инвестицијата на Субрата Рој во Македонија непречено ќе продолжи и ќе стане реалност, а за тоа е потврда денешното соопштение од компанијата, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Денешното соопштение го потврди она што претходно го кажавме, а тоа е дека инвестициите на Субрата Рој во Република Македонија непречено ќе продолжат. Ситуацијата таму е објаснета и дадени се сите детали. Имаме и усна потврда од Рој дека неговиот проект и во Охрид и на други места во Македонија ќе се реализират согласно динамиката што е договорена, изјави Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на препумпна станица во скопската населба Драчево.

Истакнува дека при реализација на проектот ќе бидат запазени сите законски и еколошки прописи и дека ќе се надоместат сите оние што имаат земјиште на делот каде треба да се реализира проектот.

– Владата ќе разговара со сите кои треба и ќе постапи согласно законските прописи во Македонија што се однесува до земјиштето што ќе биде од интерес за изградба на проектот во Љубаниште. Ќе бидат запазени сите законски услови, сите еколошки стандарди. Ќе се надоместат сите што имаат земјиште таму согласно законските прописи, така што во тој дел нема да има дилеми, рече министерот.

Што се однесува до обвинувањата од опозицијата во однос на оваа инвестиција, рече дека Владата веќе е навикната само на навреди и сомнежи од нивна страна за се што работи, вклучително и за сите инвестиции.

– Времето покажа кој бил во право и ќе покаже и во иднина дека овие напори што се прават за реализација на инвестиции и за доаѓање инвеститори и отворање фабрики и работни места, а и за оваа инвестиција што се однесува на Субрата Рој ќе биде реалност. Јас сум убеден дека треба да продолжиме не со критицизам, туку со напори да се реализираат сите проекти што сме ги ставиле во програмата и да донесеме што повеќе инвестиции и од надвор и од дома, а со цел да се подобри животот на граѓаните, истакна министерот Ставрески.

Утрово компанијата преку соопштение информира дека Sahara India Real Estate Corporation Limited и Sahara Housing Investment Corporation Limited, немаат никакви обврски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП