28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и Унгарија ќе работат на проекти за гасификација, инфраструктура и енергетика

Македонија и Унгарија ќе работат на проекти за гасификација, инфраструктура и енергетика

ungarijamakedonija

Претставувањето на можностите за инвестирање во Македонија и конкретизирање на проектите од заемен интерес во директна комуникација беше целта на првата седница на Мешовититот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Унгарија што денеска се одржа во Будимпешта, а со која копретседаваа министерот за економија Ваљон Сарчини и  Петер Сијарто, државен министер за надворешна политика и надворешна трговија во Кабинетот на премиерот Виктор Орбан.

Во Мешовитиот комитет, јави известувачот на МИА, има претставници од сите клучни институции кои имаат ингеренции во различни сфери од економијата на двете земји, а од македеонска страна во Будимпешта е присутна делегација од 25 члена, предводена од министерот Сарачини.

-Разговаравме за зголемување на трговската размена и унгарски инвестиции во енергетиката, земјоделството, туризмот и минералните суровини. Беа разгледани битни проекти за гасификација, за изградба на патничка и железничка инфраструктура, за хидроцентрали. Договоривме во секоја област да има по минимум еден проект. По завршувањето на средбите предвидени за денеска и утре унгарската страна ќе ги информира нивните компании за можностите за инвестирање во Македонија и ќе им дадат рок до кога да дадат одговор, изјави министерот Сарачини по завршувањето на средбата.

Договоривме, нагласи, кон крајот на мај унгарска делегација да дојде во Македонија заедно со неколку компании за да ги поврземе со нашите компании и заедно да поработиме за зголемување на трговската соработка и за конкретизирање на проектите за кои разговаравме денеска.

-Зборувавме и за отворање директна авионска линија меѓу Скопје и Будимпешта од страна на Визер, како и организирање чартер летови од најголемиот унгарски туроператор кон Македонија, рече Сарачини.

Деталите, додаде, ќе ги договорат четирите работни групи од двете земји кои имаат средби денеска и утре.

Вкупната размена меѓу Македонија и Унгарија е со релативно мал обем и во последните години се движи  меѓу 54 и 58 милиони американски долари со константен дефицит од македонска страна.

Во структурата на вкупната рамена на Македонија со светот Унгарија учествува со 0,5 до 0,6 отсто. Само 0,2 отсто од вкупниот извоз на Македонија во светот се реализира во Унгарија, додека од Унгарија се увезуваат 0,7 до 0,8 отсто од вкупниот број на стоки.

Македонија најмногу во Унгарија извезува заварени цевки, џемови, овошни желеа, мармелади и згура, а најмногу увезува пченица, поливинил хлорид, бела техника и замрзнато свинско месо. Покриеноста на увозот со извоз во 2011 година изнесува 16,8, а во првите десет месеци од 2012 година 18,3 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП