18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ и ММФ: Грција не работи доволно

ЕУ и ММФ: Грција не работи доволно

Грција мора да ги интензивира напорите во борбата против даночните затајувачи како што се лекарите и адвокатите, предупредија од ЕУ и ММФ.

Во заедничкиот извештај на ЕУ и ММФ се оценува дека напорите на Грција се намалиле и дека треба да се зацврстат.

Атина собра половина од даночен долг и спроведе помалку од половина даночни контроли од оние кои требаше да ги изврши во рамките на целите кои и ги поставија странските инвеститори, покажа истражувањето на меѓународните кредитори кое беше спроведено во ноември.

„Мисијата покажува загриженост поради неактивноста на властите и поради тоа што слабее борбата против затајувањето на данок од страна на многу богатите луѓе и членовите на слободните професии“, наведено е во соопштението.

Властите во Грција, до крајот на септември, спроведоа 440 контроли на богатите даночни обврзници кои се осомничени дека избегнуваат да плаќаат данок, а овогодинешната цел е 1.300 такви контроли. До сега во Грција се собрани околу 1,1 милијарди евра од ненаплатени даноци, што исто така е помалку од целта- две милијарди евра.

Кредиторите ја повикаа владата на Грција да ја зголеми наплатата на данок и да се фокусира на случаите за кои постои најголема шанса да дадат резултат, пренесува агенцијата Ројтерс. „Лекарите и адвокатите се добри примери за почеток“, наведоа кредиторите.

 

Долг за данок – 53 милијарди евра

Затајувањето на данок е ендемска болест во Грција која и отежнува на владата да ја подобри својата финансиска состојба во рамките на договорот за меѓународна помош за спасување, вредна 240 милијарди евра.

Во време на недоволен буџетски приход и строги штедење поради остварување на фискалните цели во земјата, чија економија е веќе петта година во рецесија, владата во Атина ги зголемува даноците на заработката на припадниците на средната класа кои не можат да ги прикријат своите приходи.

Се очекува дека после божиќните празници грчкиот парламент ќе усвои нови даночни закони, чија цел е собирање на 2,5 милијарди евра во следните две години, во рамките на пакетот на строги мерки за заштеда на 13,5 милијарди евра, по кои ќе следи долго одложуваниот закон за борба против затајувањето на данок.

Главен услов за добивање на пакетот меѓународна помош за спасување е унапредувањето на грчките даночни управи и судството.

Според вчерашниот извештај на меѓународните кредитори, поединци и компании имаат собрано 53 милијарди евра даночен долг кон владата, што одговара на приближно четвртина од БДП на Грција.

Меѓутоа, од таа сума можно е да се наплати само 15-20 проценти, истакнаа од ЕУ и ММФ, со оглед на тоа дека голем број од тие даночни случаи се застарени или должниците веќе банкротирале.

Според листата на даночни затајувачи објавена минатата година, најголемиот даночен должник во Грција е државната железничка компанија ОСЕ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП