Раководствата на „BMW“ и „Tesla Motors“ разговараа за можноста за соработка на овие две компании, која меѓу останатото ќе опфаќа и заедничко користење на мрежата на суперполначи која американскиот производител досега ја изгради во САД и некои европски земји.
Двете компании согледаа дека немораат да бидат само ривали кога станува збор за продажбата на електрични автомобили, туку и да си помогнат една на друга во натамошниот развој и освојување на пазарите, што го потврди и шефот на „Tesla Motors“, Илон Маск.
„И „BMW“ и „Tesla“ се многу посветени за развојот на електричната мобилност. Разговаравме за различни видови соработка, а една од нив е и користењето и изработката на мрежата на суперполначи“, потврди Маск.
„Би бил задоволен доколку постигнеме договор и со останатите производители на електрични возила, како „BMW“, па да започнат да ги користат нашите брзи полначи, но и сами да почнат да изработуваат. На тој начин би можеле да постигнеме договор за взаемна употреба на суперполначите на другите производители“, додава Илон Маск.
Инфраструктурата за брзо полнење на батериите на електричните автомобили се уште е слабо развиена, што го отежнува пласманот на секој производител кој планира масовно производство и продажба на овој вид возила.
„BMW“ со овој проблем се соочи кога неодамна на пазарот го понуди својот електричен модел „i3“. Иако овој автомобил пред се е наменет за возње на кратки релации, сопствениците кои ќе се одлучат за подолги меѓуградски возења, имаат голем проблем поради потребата за дополнување на батеријата.
Од друга страна „Tesla“ во САД веќе има развиена мрежа на т.н. суперполначи, а започна со забрзана изградба на станици за брзо полнење и во Европа. Суперполначите моментално ги користат само сопствениците на моделите на американскиот производител. За дополнување на батеријата до 50 отсто на капацитетот е потребно околу 20 минути, а полнењето за возачите на автомобилите на „Tesla“, оваа услуга е бесплатна.
Компаниите „Daimler“ и „Bosch“ неодамна и замерија на „Tesla Motors“, затоа што при изградбата на мрежата со суперполначи не ги стандардизирале овие станици со цел да ги користат и другите сопственици на електрични возила на другите производители.