26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИДржавата треба да ги поттикне инвестициите во производството

Државата треба да ги поттикне инвестициите во производството

productionmeat

Државната политика да се сврти кон сите што се двоумат својот расположлив капитал да го инвестираат во производството. Императив за македонската економија е домашните компании да бидат многу побројни отколку што се сега и што побрзо да ги остварат планираните вложувања, како и својот сон за поуспешен бизнис.

Ова е пораката од Стопанската комора на Македонија која денеска одбележува 91 година од основањето.

– Комората како партнер и застапник на деловните интереси на фирмите, ќе го поддржува секој субјект што ќе се определи своите активности да ги насочи кон клучните определби – домашните и странските инвестиции да бидат двигател на растот, да се зголеми извозот на конкурентни производи за одржлив развој и приватниот сектор да стане стожер на економскиот раст апсорбирајќи ја високата невработеност, истакна претседателот на Комората Бранко Азески.

Во обраќањето по повод годишнината, Азески рече дека Владата треба правилно да процени кому ќе овозможи „ветер в грб“, да го поттурне за да оди напред.

Македонската економија денес егзистира во услови на три високи диспропорции, производството и потрошувачката, увозот и извозот, како и активното и издржуваното население. Ако на тоа се додаде, напомена, секојдневното зголемување на влезните трошоци, а намалување на продажните цени на стоките и услугите, на секој граѓанин ќе му биде совршено јасно каков успех постигна Стопанската комора.

– Одговорот на прашањето колку наведените диспропорции ќе беа поголеми ако не бевте храбри да инвестирате и вработите или колку ќе беа помали ако бевте двојно побројни, е аргумент кој потврдува дека државата треба да се сврти кон компаниите што се двоумат капиталот да го вложат во производството. Реализацијата на економската политика мора приоритетно да се потпре на вас, подвлече Азески.

По повод одбележувањето 91 година од постоењето, Стопанската комора им додели награди на компаниите и менаџерите кои во кризниот период, од 2008 година до денес, инвестираа дома или во странство. „Алкалоид“, ЕЛЕМ, „Адинг“, „Випро“, „Сокотаб“, „Бучим“, „Фероинвест“, „Џонсон Мети“, „Пекабеско“, „Микросан“, „Брилијант“, „Здравје Радово“,… се само некои што добија признанија.

Според стопанствениците, клучни фактори за успешно опстојување и работење, особено во време на криза се менаџирањето, концептот, истрајноста и правилната ориентација.

– Да ги оставиме компаниите што тонат,  да не трчаме по нив за да не потонеме сите заедно. Да се свртиме кон оние што успешно работат и инвестираат и во услови на криза, со тоа да отвориме повеќе работни места. Ако ни помогне државата и ние неа ќе и помогнеме, рече Ацо Стојановски од „Раде Кончар“, подвлекувајќи дека со вложувањето изминатиов период компанијата го зголеми извозот за речиси 50 отсто.

Сопственикот на „Пекабеско“ Слободан Кутревски смета дека Владата прави многу за да го подобри работењето на стопаските субјекти во земјава, но не може да им даде пари да работат, да печалат и да делат дивиденди. Тоа зависи, како што оцени, од секоја фирма одделено.

– Нам Владата ни помогна многу во инвестицијата. Ни овозможи да купиме земјиште по поволни услови и добиеме кредит од Европаката банка со, исто така, поволни камати. Останува на нас тоа да го реализираме, вработените подобро да живеат, а потрошувачите да купуваат поквалитетни производи, истакна Кутревски.

И да има и да нема криза, додаде, секој стопанственик сака да ги намали трошоците и да ги зголеми приходите, да оствари поголема добивка. – Кризата не е предуслов за да ги намалуваме трошоците, тоа треба постојано да ни е тенденција, нагласи сопственикот на „Пекабеско“.

И Николајчо Николов од „Бучим“ кој најави нови 35 милиони евра инвестиции, е дециден дека кризите може да се пребродат со добро менаџирање. – Изминатата иако беше карактеризирана како кризна година ја завршивме успешно. Првпат почнавме производство на катоден бакар и го извезовме, направивме рекордни ископи на рудна маса. Но, имаме амбициозни планови и за наредните 12 месеци, истакна Николов.

Стопанската комора на Македонија функционира од 1922 година. Членка е на бројни меѓународни организации и институции и основач на мешовити комори и деловни совети. Моментно брои околу 15.000 членки од кои повеќето се мали и средни претпријатија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП