25 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(11.02 – 15.02.2013)

 

Помина уште една недела на Македонската берза која наговестува дека берзата полека го губи полетот од јануарското тргување и се повеќе наликува на „летаргичната берза“ од втората половина на 2012 година. Немаше објава на некои позначајни ценовно чувствителни информации, изостанаа нови неревидирани финансиски извештаи, й понатаму ја нема објавата на јавната понуда за преземање на Кјуби Македонија АД Скопје, се продлабочува политичката криза во земјата, а секој од овие моменти поединечно има влијание врз намалувањето на прометот на берзата. Во петте трговски денови се реализира промет од 23,3 милиони денари, што претставуваше пад од -12,4% во однос на минатонеделниот вкупен промет.  Индексот МБИ-10 неделата ја заврши со пораст од 0,63%, додека индексот МБИД неделата ја заврши со намалување од -1,90%.

Структурата на тргувањето остана во истите рамки, околу 90% од прометот беше реализиран во тргување со акции, а остатокот во промет со државни обврзници. Најтргувана повторно беше акцијата на Комерцијална банка Скопје со реализиран промет од 7,7 милиони денари, по неа веќе вообичаени според прометот се издвоија акциите на Македонски Телеком Скопје и Алкалоид Скопје со промет од по 2,5 милиони денари. Над милион денари промет остварија уште и акциите на Македонијатурист Скопје (1,2 милиони денари), Стопанска банка Битола (1,9 милиони денари) и Кјуби Македонија АД Скопје (1,0 милион денари).

На регионалните берзи, љубљанската и загребската берза забележаа посериозен пад изминатата недела, па така SBI10 неделата ја заврши со пад од -3,39%, а Crobex забележа пад од -2,81%, Белградскиот Belex благ пад од -0,09%, додека софискиот Sofix имаше солиден пораст од +2,43%.

Индексите во САД ја завршија неделата со минимален пораст во однос на претходната. Индексот S&P 500 и седма недела по ред завршува со пораст, оваа од 0,18%, DOW JONES неделата ја заврши со раст од +0,08%, додека NASDAQ немаше промена во вредноста во однос на претходната недела. Слично беше и движењето на европските берзи, без некои посериозни отстапувања од претходната недела. DAX ја заврши неделата со пад од -0,53%, FTSE 100 ја затвори неделата со раст од +0,82%, додека францускиот CAC 40 имаше раст од +0,27%. На азиските берзи добрите финансиски резултати на јапонските и кинеските компании ги движат берзите нагоре, па така индексот NIKKEI 225 имаше пораст од +0,19%, додека HANG-SENG имаше пораст од +0,99%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП