30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовеќе домашни компании императив за македонската економија

Повеќе домашни компании императив за македонската економија

azeski1

Државната политика да се сврти кон сите што се двоумат својот расположлив капитал да го инвестираат во производството. Императив за македонската економија е домашните компании да бидат многу побројни отколку што се сега и што побрзо да ги остварат планираните вложувања, како и својот сон за поуспешен бизнис.

Ова е пораката од Стопанската комора на Македонија која денеска одбележува 91 година од основањето.

– Комората како партнер и застапник на деловните интереси на фирмите, ќе го поддржува секој субјект што ќе се определи своите активности да ги насочи кон клучните определби – домашните и странските инвестиции да бидат двигател на растот, да се зголеми извозот на конкурентни производи за одржлив развој и приватниот сектор да стане стожер на економскиот раст апсорбирајќи ја високата невработеност, истакна претседателот на Комората Бранко Азески.

Во обраќањето по повод годишнината, Азески посочи дека македонската економија денес егзистира во услови на три високи диспропорции, производството и потрошувачката, увозот и извозот, како и активното и издржуваното население. Ако на тоа се додаде, напомена, секојдневното зголемување на влезните трошоци, а намалување на продажните цени на стоките и услугите, на секој граѓанин ќе му биде совршено јасно каков успех постигнала Стопанската комора.

– Одговорот на прашањето колку наведените диспропорции ќе беа поголеми ако не бевте храбри да инвестирате и вработите или колку ќе беа помали ако бевте двојно побројни, е аргумент кој потврдува дека државата треба да се сврти кон компаниите што се двоумат капиталот да го вложат во производството. Реализацијата на економската политика мора приоритетно да се потпре на вас, подвлече Азески.

По повод одбележувањето 91 година од Стопанската комора, доделени ќе бидат награди за компаниите и менаџерите кои во кризниот период, од 2008 година до денес, инвестираа дома или во странство. „Алкалоид“, ЕЛЕМ, „Адинг“, „Бучим“, „Микросан“, „Брилијант“,… се само некои од фирмите што ќе добијат признанија.

Стопанската комора на Македонија функционира од 1922 година. Членка е на бројни меѓународни организации и институции и основач на мешовити комори и деловни совети. Моментно брои околу 15.000 членки од кои повеќето се мали и средни претпријатија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП