28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОптимистички прогнози за еврозоната

Оптимистички прогнози за еврозоната

evro1

Крајот на 2012 година, еврозоната го дочека со рецесија поголема од очекуваната.

Економистите најавуваат дека оваа година ќе биде поуспешна, а некои веќе гледаат знаци за запирање на рецесијата.

Минатата година, воедно е и прва од 1995 година, во која економскиот раст во ниеден месец не бил во плус. Добра вест е тоа што оваа година не би требало да биде полоша од минатата, а економистите веќе гледаат знаци за запирање на рецесијата.

Тежок е патот до закрепнувањето на еврозоната, посебно кога и локомотивата, најголемата европска економија – Германија, ја губи силата. Од почетокот на октомври до крајот на декември, бруто домашниот производ во 17 земји кои го користат еврото, се намалил за 0,6 проценти во однос на претходните три месеци.

Штетата ја нанел падот на извозот, бидејќи германската роба е тешко да се продаде додека традиционалните купувачи се во криза.

И втората најголема економија, Франција, ослабе за 0,3 проценти.

Економистот на Комерцбанка Питер Диксон, вели дека со изминувањето на годината ќе се видат знаците на стабилизацијата.

„Кога го велам тоа, не мислам на некои големи позитивни бројки. Но, тие веќе во второто тромесечје би требало да бидат околу нулата или нешто над неа“, оцени Диксон.

Голем минус забележи португалската економија, дури 1,8 проценти, па неминовно и невработеноста се зголеми на речиси 17 проценти, бидејќи во последните три месеци од минатата година повеќе од 50.000 Португалци ја изгубиле работата. Највеќе невработени, особено млади, има во Алгарве и Лисабон и на островот Мадеира.

Жозе Лоренсо од Комунистичката партија на Португалија вели дека тоа се податоци кои покажуваат дека владината политика е многу штетна по интересите на Португалците и португалските работници. Владата, меѓутоа, се надева дека, благодарение на таа иста политика, оваа година ќе ја заврти драматичната ситуација и ќе отвори нови работни места.

На што само се надева Грција, земја „владетел“ на невработеноста. Повторно е соборен рекорд и најновите податоци покажуваат дека невработеноста е 27 проценти, шест проценти повеќе отколку пред една година. Меѓу младите на возраст до 24 години стапката на невработеност изнесува 62 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП