Германецот Ернст фон Фрајберг, адвокат и член на Малтешкиот ред, денеска беше назначен за прв човек на банката на Ватикан, која нема раководител по разрешувањето на претходниот гувернер Еторе Готи Тедески во мај минатата година.
Одлуката беше донесена од специјална надзорна комисија при Институтот за верски активности, што е официјалното име на банката, по „суштинска оценка и серија разговори во период од неколку месеци“.
Папата ја дал својата согласност за неговото именување, се наведува во соопштението на банката.
Претходниот гувернер Тедески, беше разрешен поради нарушување на стандардите на управување.
Ватиканската банка е основана во 1942 година од папата Пиј Дванаесетти. Банката беше во фокусот на јавноста во 2010 година, кога италијанските иследници почнаа истрага за перење пари. Тогаш беа замрзнати нејзини активи од 23 милион евра во италијанските банки.