20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПлатформа за женско претприемништво во Македонија

Платформа за женско претприемништво во Македонија

zensko1

Формирање платформа за женско претприемништво во Македонија, правење база на податоци за жени претприемачи, како и развивање на свеста за зголемување на бројот на жени претприемачи во земјата, се дел од целите што треба да бидат реализирани во рамки на меѓународниот проект „Женско претприемништво-Мотор за креирање на нови работни места во ЈИЕ“, што го спроведуваат повеќе невладини организации од регинот.

Една од целите, исто така, е и промоција на женското претприемништво во ЈИЕ преку заеднички напори на јавниот и приватниот сектор.

Се проценува дека 30 отсто од претприемачите во Европа се жени, додека овој процент во ЈИЕ изнесува меѓу 15 и 30 отсто. Македонија нема точни бројки за жени претприемачи, но проценките се дека тој е мал.

Според направените истражувања, жените во Југоисточна Европа се соочуваат со многу препреки врзани со традиционалната родова улога која пак влијае врз нивните економски можности. Во повеќето случаи немаат сопственост над имотот, имаат мала или воопшто немаат поддршка од институциите, тешко доаѓаат до информации, како и до финансии. Истражувањата покажуваат дека голем број жени во регионот се подготвени да основаат, прошират или внесат иновации во своите претпријатија, но високите каматни стапки и барањата од банките на голем залог им овозможува такви чекори.

Во Македонија, според истражувањата, ставот е дека жените додека се помлади треба да се грижат за децата, а не да се занимаваат со претприемништво.

– Се смета дека млада жена не би можела во Македонија да почне да работи затоа што нема социјална поддршка, мора сама да се грижи за децата ако нема „баба-дедо сервис“. Имаме проблем и со финансирањето, изјави Валентина Дисовска, од  Здружението на бизнис жени, организација која го реализира проектот во Македонија.

Здружението денеска ја организира правата работилница за формирање на  Платформа за женско претприемништво во Македонија, на која учествуваат преставници од повеќе министерства, невладини организации и жени кои работат на унапредување на женското претприемништво во земјата.

– Ќе ги собереме сите актери и ќе ја формираме платформата по што ќе работиме на политичката клима, да развиеме свесност во државата за да ја зајакнеме економски нашата држава, изјави Дисовска.

Мери Ен Рукавина Ципети, извршна директорка на Центарот за полова еднаквост од Загреб и регионален координатор на проектот, истакна дека во регионот на ЈИЕ нема доволен број претриемачи.

– Тие немаат поддршка, го констатиравме тоа, но не го прифаќаме. Не им приоѓаме на жените како на загрозени групи туку како на потенцијал, истакна Рукавина Ципети.

Проектот ќе се спроведува во девет земји и тоа во Албанија, Босна и Хрецеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Молдавија, Србија и Турција.

На денешната работилница присуствува и градоначалникот на Велес Горан Петров, кој го поддржа проектот и искажа подготвеност за вклучување на општината во проектот и зголемување на жените претприемачи во градот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП