24 април, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Нови Сад – Членот на Фискалниот совет, Владимир Вучковиќ, предупреди дека Србија се наоѓа во предстечајна состојба поради лошата економска состојба. Вучковиќ оцени дека новата влада мора веднаш по основањето да изврши ребаланс на буџетот, да оствари заштеди во јавниот сектор, да почне со реформи на јавните претпријатија и да донесе пакет реформски закони. – За време на оваа нова влада, ако не се направи ништо, можеме да доживееме колапс – оцени тој гостувајќи на Радио-телевизија Војводина.

Милано – Италијанската банка Интеза Сан Паоло, во четвртиот квартал забележа загуба од 5,2 милијарди евра. Енормната загуба настана поради големиот отпис на ненаплатливите кредити на име чистење на книгите на работење поради ригорозниот стрес тест. Загубите се значајно зголемени во однос на 83 милиони евра од последното тромесечје во 2012 година, наведе банката.

Белград – Сбербанка во Србија лани имала профит од 1 милијарда динари т.е. 8,8 милиони евра, што е околу 17 отсто помалку од 2012 година. Според финансискиот извештај на таа банка која работи во рамки на руската банкарска групација Сбербанка, добивката од каматите лани изнесувала 4,5 милијарди динари, додека загубата од надоместоците и провизиите биле околу 895.000 динари.

Москва – Нето долгот на компанијата Русал лани е намален за 720 милиони долари или за 6,6 отсто и последниот ден во 2013 изнесувал 10,12 милијарди долари. Според соопштението на компанијата со чии акции се тргува на Хонгконшката берза, загубата на најголемиот светски производител на алуминиум лани е зголемена шест пати, на 3,2 милијарди долари, во споредба со 528 милиони од 2012 година. Наглиот раст на долговите во компанијата се објаснува пред се со отписите на непаричните средства во висина од 1,9 милијарда долари, пренесе Итар тас.

Загреб – Индустриското производство во Хрватска порасна и во февруари и тоа за 1,6 отсто на годишно ниво, што е повеќе од очекувањата. Државниот завод за статистика објави дека индустриското производство, според календарски прилагодени податоци, во февруари падна за 2,8 отсто во однос на претходниот месец, додека во однос на февруари лани зајакнало 1,6 отсто.

Берлин – Ако на некого името му е Мехмет, а не Лукас, потешко ќе се избори за практикантско место т.е. место за изучување на занает, од германските врсници. Студијата на стручниот Совет на германските фондации, укажувуа на она што многу млади Турци го чувствуваат на сопствена кожа и поради што со причина се жалат: во однос на конкуренцијата, на подеднакво добро квалификувани млади Германци, тие се во неповолна положба. Стереотипите меѓу германските работодавци и понатаму се присутни, поради што при донесување на кадровски одлуки, предност даваат на својата група. Младите Турци мора да бидат барем нешто подобри од нивните колеги Германци, за нивната стартна позиција да биде изедначена.

Белград – Управата за јавен долг на аукција продаде 90 отсто од понудените тригодишни обврзници за вкупно 18 милијарди динари, соопшти Министерството за финансии на Србија. Тие должнички хартии продадени се по каматна стапка од 10,49 отсто, а на наплата доспеваат на 1 април во 2017 година. Побарувачката за обврзници изнесувала 23,1 милијарда динари, што е 115,1 отсто обем на емисија од 20 милијарди динари.

Вашингтон – Медиумскиот магнат Руперт Мардок повторно го донесе својот постар син Леклан меѓу водечките луѓе на своето медиумско царство, а помладиот син Џејмс го унапреди. Сето ова укажува на тоа дека најголемиот светски медиумски могул, подготвува терен да се повлече, а да го наследат синовите. Мардок, Леклан (42) го именуваше за еден од челните луѓе на групата 21st Century Fox” и издавачката компанија News Corp. Леклан двете функции ќе ги дели со таткото.

Москва – Русите конечно ќе го запознаат вкусот на лебот и месото, е порака од тие кои го поддржуваат бојкотот на западните производи. Се предлага забрана за продажба на хамбургери и затворање на МекДоналдс. Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека еден од приоритетите на неговата влада е да создаде услови за зголемување на производство на храна за рускиот пазар. Тоа наиде на одобрување од јавноста, која е расположена за бојкот на западните производи, покажаа анкетите. Русија веќе забрани увоз на австралиско говедско месо, реагирајќи така на одлуката на Камбера да ги поддржи санкциите против руските политичари, пренесоа руските медиуми.

Њујорк – Иако најавувана како нов хит на берзата, вредноста на акциите на компанијата Кинг која стои зад игриците Candy Crush Saga доживеа дебакл. Имено, вредноста на акциите на Кинг Дигитал, по дебитирањето на New York Stock Exchange (NYSE) паднаа за 15 отсто, од цената на листите од 22,50 долари на 19,08 долари по акција. Иако прво аналитичарите истакнуваа дека во овој случај профитот на компанијата не се доведува во прашање, сега се согласни дека овој неочекуван пад е горка бонбона за Candy Crush Saga.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП