28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа македонскиот пазар нема производи со коњско наместо говедско месо

На македонскиот пазар нема производи со коњско наместо говедско месо

DEJAN2

На македонскиот пазар нема смрзнати лазањи со говедско месо од шведскиот бренд „Финдус“, потврдија денешните инспекциски контроли.

Како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство, контролите се спроведени веднаш по добиеното известување од британската Агенција за безбедност на храната дека смрзнатата храна од одредени производители, наместо говедско, содржи голем процент коњско месо.

– Во конкретниот случај, не станува збор за проблем поврзан со безбедноста на храната, туку со декларирањето, поточно со прекршок кој се однесува на измама на потрошувачите, наведува Агенцијата.

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со засилен мониторинг на операторите со храна во земјава и со следење на состојбата на европскиот пазар.

Засега е потврдено дека лажно декларирано месо се продавало во Велика Британија, Франција, Шведска, Ирска и Романија, а како што пренесува Би-Би-Си, го имало и на пазарите во уште 11 европски земји.

Се смета дека Кипар и Романија се земјите од каде што потекнува спорното месо. Француската компанија „Поујол“ набавувала од кипарски трговци, а Холандија од две романски месарници. „Поујол“ ја снабдувал луксембуршката фабрика, сопственост на француската групација „Комигел“,  а месото потоа е продавано како дел од готовите замрзнати јадења на шведскиот производител „Финдус“ кој за овој скандал, пак, ги обвинува своите романски добавувачи. Откриено е дека анализираните примероци со „говедско месо“ содржат 60 до 100 отсто коњско месо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП