26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоловина од трошоците за отворање бизниси во руралните средини на терет на...

Половина од трошоците за отворање бизниси во руралните средини на терет на Владата

aleksandar1

Граѓаните кои ќе се одлучат да отворат бизнис во руралните средини ќе добиваат финансиска поддршка од Владата во висина од 50 проценти од трошоците за започнување бизнис.

Поддршката се однесува на отворање каков било бизнис почнувајќи од најмалите, како автомеханичари, автоперални, фризерници и занаетчии се до преработувачки капацитети и погони за производство на малите и средните претпријатија.

За оваа цел Владата ќе одвои околу четири милиони евра, а проценките се дека на овој начин ќе може да се отворат над илјада мали бизниси и да се реализираат најмалку илјада вработувања.

– Досега оваа мерка за 50 проценти поддршка важеше само за набавка на земјоделска механизација. Од оваа година Владата одлучи да ја прошири оваа мерка и со неа да ги опфати и услужните дејности и сектори. Значи, сега нема да има лимит на поддршката во однос на нејзиниот опфат и поврзаност со земјоделството, туку полето за отворање бизнис е нелимитирачко и може да ја опфати која било стопанска дејност со исклучок на медицината и фармацијата, истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Според него, на овој начин Владата дава сериозна поддршка за развојот на македонските села и на овозможувањето услови за економска егзистенција на луѓето кои живеат во нив.

За оваа финансиска поддршка ќе може да конкурираат сите физички лица, трговци, поединци и мали и средни претпријатија во македонските села и градовите со население под 30.000 жители.

Во текот на март или април ќе биде објавен јавниот повик за аплицирање на овие средства на кои секој заинтересиран ќе може да достави бизнис-план до Агенцијата за рурален развој и поддршка на земјоделството. По разгледување на бизнис-планот и негово прифаќање ќе биде склучен договор меѓу корисникот и Агенцијата и согласно договорот на лицето ќе му бидат исплатени парите во висина од 50 проценти од вредноста на бизнисот.

Ѓорѓиев ги повика сите заинтересирани да ги искористат поволностите што ги нуди оваа владина мерка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП