26 април, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Велингтон – Стопанството на Нов Зеланд лани забележа раст од 2,7 отсто, што ја чини една од најбрзо растечките економии во развиениот свет. Статистиката на Нов Зеланд покажува дека производството пораснало за 0,9 отсто во три месеци до декември. Тоа е 12 постојан квартал на позитивен стопански раст. Производството пораснало по стапка од 2,1 отсто, што е најбрз раст од 2006 година.

Лондон – БДП на Британија оваа година ќе порасне над очекувањата, бидејќи економското зајакнување на земјата добива на сила. Тоа го најави британскиот министер за финансии Џорџ Озборн, во текот на претставувањето на годишниот буџет. Според најновите проценки БДП на Британија ќе порасне 2,7 отсто оваа година, што е повеќе во однос на претходната прогноза за раст од 2,4 отсто.

Белград – Генералниот секретар на Здружението на банки на Србија Верољуб Дугалиќ рече дека се неосновани тврдењата дека банките го изнесуваат профитот од Србија и дека ги ограбуваат граѓаните. – Сите 29 банки во Србија 2013 година ја завршија со добивка од 14 милијарди динари, т.е. околу 120 милиони евра, пред плаќање на данокот. Тоа е приход на капитал од околу 2 процента, така сами може да заклучите дали тука може да се зборува за изнесување на профитот – рече Дугалиќ на конференцијата за новинарите.

Белград – Новата Влада на Србија веднаш по основањето ќе ги продолжи преговорите со ММФ за склучување на нов тригодишен аранжман, вели министерот за финансии Лазар Крстиќ. – Се работи за стенд-бај аранжман што значи дека не се предвидува повлекување на средствата од ММФ – рече Крстиќ во интервју за нојвиот број на весникот НИН. Крстиќ, на кој идниот премиер Александар Вучиќ ќе му понуди да остане на чело на Министерството за финансии, рече и тоа дека новите заштеди во буџетот ќе бидат прва задача на новата Влада.

Сараево – Советот на министри на БиХ донесе пакет правилници за заштеда на околу 1.350.000 евра годишно во набавка и користење на службените возила, телефони и на репрезентациите. Со примена на овој правилник возниот парк ќе се намали за околу 100 службени возила кои се користат во институциите на БиХ, со што ќе се заштедат 450.000 евра, додека заштедите во користењето на службените телефони ќе изнесуваат околу 350.000 евра. Правилникот предвидува намалување на бројот на државни службеници кои ќе имаат право на тие привилегии, објавија медиумите во БиХ.

Загреб – Поради користењето на заштитената виолетова боја на брендот Крафт милк, хрватската компанија Краш мора да ги повлече и уништи своите виолетови пакувања на ментол бонбоните без шеќер. Имено, вака гласи правосилната пресуда на Врховниот трговски суд. Меѓутоа, од Краш порачуваат дека нема да ги повлечат бонбоните, бидејќи пресудата се однесува на старата амбалажа, редизајнирана уште во 2011 година, а нивната нова малку поинаква виолетова амбалажа е заштитена со жиг.

Подгорица – Вредноста на минималната потрошувачка кошничка во Црна Гора за февруари оваа година изнесуваше 791,10 евра, од која на храна и безалкохолни пијалоци одат 248,10 евра. На непрехранбени производи и услуги одат 348 евра и на трошоци за домување 195 евра, соопшти црногорскиот завод за статистика МОНСТАТ. Во споредба со претходниот месец, вредноста на минималната потрошувачка кошница, забележа раст од 0,05 отсто.

Сараево – Петтата најголема тутунска индустрија на светот KT&G, со седиште во Јужна Кореја, почна пласман на производи на пазарот во Босна и Херцеговина. Искуството долго 115 години во производство и дистрибуција на цигари, со над 4.500 вработени, придонесе за фактот дека KT&G денес има 60 отсто од пазарниот удел на подрачјето на Јужна Кореја, а своите производи ги извезува во над 60 земји во светот. Менаџментот на компанијата, која остварува годишни приходи од над 2 милијарди долари, Босна и Херцеговина ја смета важна за развојот на дејноста во Европа.

Подгорица – Американската Комисија за хартии од вредност и берза во посед докажа дека имало подмитување во аферата Телеком во Црна Гора, соопшти амбасадата на САД во Подгорица.

Москва – Руската влада нема да ги спасува сопствениците на компаниите ако се соочат со финансиски проблеми како што беше случај во текот на кризата од 2008-2009 година. Тоа го изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов. Сопствениците на руски фирми изразија загриженост по повод потенцијалните последици од западните санкции кон Русија, а кои се воведени поради нејзиното признавање на Крим како независна држава.

Киев – Со губењето на Крим, Украина ги изгуби не само поморските бази, туку и наоѓалиштата на природен гас во Црно море, над кои веројатно контролата ќе ја преземе Гаспром. По референдумот во неделата, на кој 97 отсто граѓани на Крим го поддржаа припојувањето на тој полуостров на Русија, новата кримска проруска власт одлучи да ја национализира нафтената и гасна фирма Черноморнафтогаз во Симферопољ, испостава на фирмата Нафтогас Украина. Таа компанија контролира 11 наоѓалишта за природен гас, две нафтени и четири наоѓалишта на кондензати на гас. Исто така поседува 13 нафтени платформни во Азовско и Црно море, на кои работат 4.000 луѓе.

Токио – Гувернерот на централната банка на Јапонија БоЈ, Харухико Курода, ја одбележа првата година на таа функција, во која направи пресврт на повеќедецениската дефлација. Премиерот на Јапонија Шинзо Абе пред една година го избра шефот на Азиската развојна банка да помогне во покренување на стопанскиот раст на Јапонија, како и да направи пресврт во повеќедецениската дефлација.

Брисел – Членките на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за новиот регулаторен систем за гаснење на паднатите банки, пред да нанесат штета на пошироката економија. Според најновиот договор, Механизмот за единствено решение МЈР, со средства од 55 милијарди евра кои ќе ги обезбедат самите банки и кои ќе бидат искористени за плаќање на трошоците за ликвидација на паднатите кредитори, во целост ќе стане оперативен за осум а не за десет години како што беше предвидено, извести Ројтерс. Исто така, со договорот е предвидено ЕЦБ да ја преземе примарната улога во гаснење на банките, како и во случај на празнење на Фондот, тој ќе мора да земе кредит од спасувачкиот фонд на еврозоната.

Париз – Американскиот синџир ресторани за брза храна Бургер Кинг планира оваа година да отвори 25 нови ресторани во Франција и да вработи уште 1.200 луѓе. Бургер Кинг лани го отвори првиот ресторан во Франција заедно со локалниот ресторан Бертран, но нови 25 планира да отвори во своја сопственост. Групацијата има за цел да освои 20 отсто од францускиот пазар во секторот за брза храна и во следните 10 години да отвори 350 до 400 ресторани во ова земја, пишува францускиот весник 20 минит.

Париз – Француската банка Креди агрикол утврди стратешки план за следните три години, според кој во 2016 година треба да оствари над 4 милијарди евра нето профит. Проценките на банката се дека оваа година ќе оствари 2,5 милијарди евра. Овој план става акцент на секторот за штедење и осигурување, со давање приоритет на интерниот раст. Предвиден е и раст на солвентноста со јакнење на сопствените фондови на ниво на групацијата, пренесе францускиот весник Капитал.

Белград – Поранешниот шеф на ММФ и специјален советник на српската влада Доминик Штрос Кан планира да основа марко хеџ фонд вреден две милијарди долари. ДСК Глобал Инвестмент Фонд ќе инвестира глобално, ќе го води Штрос Кан со својата ќерка и економист Ванеса Штрос Кан, а прв оперативец ќе биде Мохамед Зеидан. Зеидан е на пат во Кина, каде собира капитал за хеџ фондот од институционални инвеститори и богати поединци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП