Љубљана – Најголемиот словенечки производител и преработувач на пилешко месо „Перутнина Птуј“ има долг од 110 милиони евра и со банките преговара за репрограмирање на дел од финансиските обврски, потврди за љубљанскиот весник „Дело“ директорот на компанијата, Роман Гласер.
Приштина – Министрите за надворени работи на Косово и ОАЕ, Енвер Хоџај и шеикот Абдулах бин Заједин Ал Нахјан, потпишаа договор за соработка во областа на цивилната авијација. На конференцијата за медиумите по нивната средба Хоџај високо го оцени придонесот на ОАЕ во признавањето на Косово како независна држава и поддршката која ја дава оваа земја со лобирањето за признавање на Косово.
Берлин – Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ соопшти дека ја зголемил дивидендата, бидејќи забележал добра заработка од неговиот бренд „Порше“. „Фолксваген“ наведе дека оперативниот профит во 2013 година, во кој не се пресметани данокот и еднократните трошоци, пораснал на 11,7 милијарди евра од 11,5 милијарди во 2012 година, што било доволно за раст на дивидендата на 4 евра по акција.
Берлин – Најголемата германска авиокомпанија „Луфтахнза“ соопшти дека лани нејзиниот профит се намалил, но сепак ќе продолжи да исплатува дивиденди на акционерите. Нето заработката на „Луфтханза“ во 2013 година опадна за 74,5 отсто на 313 милиони евра, но компанијата наведе дека резултатот е таков поради тоа што во 2012 година била остварена еднократна заработка во филијалата „Остриан ерлајнс“, додека лани на резултатите влијаеле реформите и проектот за инсталација на нови седишта во деловната класа на „Луфтханза“.
Париз – Просечната бруто плата по вработен во францускиот приватен сектор во последниот квартал во 2013 година, порасна за 0,3 отсто на 2.449 евра месечно. На годишно ниво, просечната месечна заработувачка по вработен е зголемена за 1,7 отсто, а имајќи ја предвид инфлацијата во тој период од 0,6 проценти, произлегува дека куповната моќ во тој квартал пораснала за 1,1 процентни поени.
Париз – Британско-француската компанија „Евротунел“, која го контролира сообраќајот преку тунелот под каналот Ламанш, лани трипати го зголеми својот профит. Деловниот промет на компанијата во 2013 година надмина една милијарда евра и изнесуваше 1,09 милијарди.
Лондон – Вештачката интелигенција и роботите од неодамна им се придружија на луѓето на работните места, а научниците од Оксфорд предвидуваат дека односот наскоро може да биде „50-50“. Напредокот донесе алатки кои можат да донесуваат одлуки слични на човечките, како и софистицирани робори кои можат да ги спроведуваат тие одлуки. Инжинерите сега можат да се потпрат на алгоритмите кои се прилагодуваат и се учат на претходните примери, па голема автоматизација се очекува во следните две децении.
Пекинг – Индустриското производство во Кина во првите два месеца од оваа година порасна за 8,6 отсто на годишно ниво, што е најслаб резултат во последните пет години. Индустриското производство, кое опфаќа производство во фабрики, работилници и рудници, е најниско од април 2009 година, кога беше зголемено за 7,3 отсто, наведе кинескиот Завод за статистика.
Њујорк – Бонусите во кеш наменети на вработените на Волстрит продолжуваат да растат наспроти кризата, а нивната вкупна сума во 2013 година била 26,7 милијарди долари. – Волстрит мина низ тежок пат во изминатата година, но сепак имаше добри резултати. Вработените дома однесоа големи бонуси, соопштија државните ревизори.