25 април, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Херцег Нови – Реномираниот и светски велнес бренд Хенри Ченот, стана партнер на компанијата Азмонт Инвестментс, инвеститор на луксузното одморалиште Портонови во Црна Гора. Оне&Only Portonovi и Chenot по отворањето на ресортот во 2016 година, како што наведуваат во соопштението, единствени во регионот на гостите ќе понудат центар за велнес и виталност на 5.000 квадратни метри, кој ги вклучува и методите на Ченот за третмани за целосна ревитализација на здравјето. Ченот групата работи ширум светот и е еден од најдинамичните играчи на полето на велнес, естетиката, нутриционизмот, фитнесот и козметиката.

Белград – Цените на становите во Србија се на минимум и во агенциите за промет на недвижнини велат дека не треба да се очекува ново поефтинување. Без оглед на многу лошата понуда, не се очекува ни поскапување на квадратот, а причината лежи во слабата побарувачка. Меѓутоа, интересно е дека во Белград се појавија инвеститори кои бараат локации на кои би граделе згради од 1.500 до 2.000 квадрати. Тоа може да биде сигнал дека по пет години пазарот на недвижнини конечно ќе заживее.

Белград – Државните гаранции за учество во изградба на гасоводот Јужен тек, мора што поскоро да се обезбедат и никако не смеат да бидат полигон за партиски препукувања. Тоа е оценка на експертската јавност по повод информациите дека изградбата на Јужен тек во Србија доцни, поради административни пречки. Имено, државните гаранции за кредит на Јавното претпријатие Србијагас во износ од 75 милиони евра, наменет за покривање на основачкиот влог во компанијата Јужен тек Србија, биле предвидени со буџетот за 2013 година, но не се реализирани поради рестриктивната политика на Министерството за финансии поврзана за зголемениот долг на државата.

Белград – Бројот на вработените во Србија од септември 2012 година до истиот месец лани се намали за околу 18.000. Моментално во земјата најлесно може да се дојде до работа ако сте програмер, а најлесно се губи ако работите во градежништвото, трговија, преработувачка индустрија, како и во банките или осигурителни куќи, покажуваат податоците.

Загреб – Хрватската радиотелевизија ХРТ лани оствари нето оперативен профит од 36,3 милиони куни (4,7 милиони евра). Како што е соопштено од ХРТ, тоа е за прв пат по 2008 година хрватскиот јавен сервис да ја заклучи деловната година со позитивен резултат. Притоа е остварен вкупен приход од 1,38 милијарди куни (4,6 отсто помалку од претходната година), а вкупен расход од 1,28 милијарди куни (околу 12,7 отсто помалку во однос на 2012 година), се наведува во привремениот годишен извештај за работењето на ХРТ во 2013 година. Во 2014 година ХРТ планира да инвестира околу 115 милиони куни (речиси 15 милиони евра) во обнова на целокупната мобилна техника наменета на информативната продукција, како и да воведе во целост дигитално производство на емисиската инфраструктура.

Сараево – Во Босна и Херцеговина лани се произведени над 10.000 тони корнишони од висока класа. Голем дел е пласиран на пазарот во ЕУ со посредство на компанијата Брамс од Сараево.

Атина – Цените на недвижнините на грчките острови значително паднаа последните години, создавајќи големи инвестициски можности, пишува грчкиот дневен весник Катимерини. Просечната цена на куќите на популарните островски дестинации е намалена 33 отсто во однос на 2008 година, додека цените на големите имоти и луксузните домови паднаа дури 40 до 50 отсто, наведоа агентите за продажба на недвижнини во Грција.

Берн – Централната банка на Швајцарија во 2013 година забележа нето загуба од 9,1 милијарда швајцарски франци во однос на 6 милијарди франци пред една година. Како што е соопштено од таа банка, основните причини за таквото работење се значајните загуби во врска со падот на вредноста на златото. Банката, поради загубите ја запре исплатата на дивиденда, како и уплатите во државниот буџет и буџетот на кантонот.

Пекинг – Продажбата на автомобили во Кина се намали во февруари по рекордно високото ниво од јануари, бидејќи долгата прослава на празникот на Лунарната нова година влијаеше на пазарот. Продажбата на возилата во Кина, најголем светски пазар на автомобили, порасна минатиот месец 17,8 отсто на годишно ниво, на 1,6 милиони возила, наведува здружението на кинеските производители на автомобили ЦААМ.

Софија – Индексот на довербата на бугарските потрошувачи во јануари порасна 5,9 поени во однос на последното тромесечје во 2013 година, соопшти бугарското Национално биро за статистика. Растот на довербата на потрошувачите во домашната економија е поизразен во градовите (+6,2 поени), отколку во руралните региони (+5,0 поени), пренесе француската агенција Ибифранс. Оценката на економската состојба во последните 12 месеци, како и перспективите во следната година, беше помалку лоша од резултатите од анкетата во октомври 2013 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП