26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата воведува нови мерки за поддршка на ликвидноста на стопанството

Владата воведува нови мерки за поддршка на ликвидноста на стопанството

stavreski

Отпис на долгови по однос на обврски од пензиско и од здравствно осигурување заради поддршка на ликвидноста во стопанството и надминување на последиците од светската економска криза, е целта на новите мерки што ги донесе Владата.

– Со мерките што се предлагаат ќе им излеземе во пресрет на барањата на стотици македонски фирми кои се однесуваат на заостанати обврски по основ на пензиско и здравствено осигурување, соопшти на денешната прес конференција вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Со два нови предлог закони, едниот за пензиско и другиот за здравствено осигурување, се овозможува на фирмите за сиот настанат долг по основ на придонеси за пензиско осигурување заклучно со 1.1.2009 година, да се отпишат каматите доколку во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето фирмата ја плати главницата на заостанатиот долг. Исто така, се овозможува да се отпишат каматите за долгови по различни видови на придонеси кои настанале во периодот од почетокот на 2009 до крајот на 2012 година. Ако основниот долг за придонесите се плати во рок од шест месеци се овозможува да се изврши 100 процентно отпишување на каматата, ако долгот се отплати за период меѓу шест и 12 месеци ќе се отпише 75 проценти од каматата, а ако долгот се отплати во период од 12-18 месеци ќе се отпишат 50 проценти од каматата, појасни министерот Ставрески.

Третата мерка, како што посочи, се однесува само на долгот за здравственото осигурување кој настанал до 2009 година. Имено, ако фирмата во наредните три години заклучно со крајот на 2015 година, редовно ги исплаќа тековните обврски по основ на придонес за здравствено осигурување, после три години ќе и бидат отпишани сите заостанатите обврски-основниот долг и каматата.

Барања за отпис на овие долгови фирмите ќе можат да поднесуваат по стапувањето во сила на законите, а во меѓувреме ќе се направат финалните пресметки за тоа колкав е нивниот долг. Се проценува дека вредноста на каматите кај долгот по основ на пензиско осигурување изнесува 40 проценти од долгот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП