28 март, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Подгорица – Светска банка се откажа на Црна Гора да и одобри кредит од 50 милиони долари (околу 36,2 милиона евра), кој беше најавен како директна поддршка на буџетот. Причина за таа одлука е тоа што државата оваа година ќе го зголеми јавниот долг поради првата кредитна позајмица за изградба на автопат. Таа информација за подгорички Вијести ја потврди шефицата на Кабинетот на СБ за Црна Гора и БиХ, Анабел Абреј.

Љубљана – Бројот на невработените во Словенија се намалува. Во февруари во Заводот за вработување биле регистрирани 129.764, што е 0,1 отсто помалку од јануари. Во споредба со февруари лани, невработеноста била поголема за 4,6 отсто. Во првите два месеца оваа година во Заводот за вработување во просек се пријавени 128.804 лица, што е 4,5 отсто повеќе од истиот период во 2013 година.

Будимпешта – Јапонската мултинационална компанија Сузуки моторс, планира во Унгарија оваа година да произведе 200.000 возила, соопштено е од таа групација. Тоа е за 39.000 повеќе од 2013 година. Кога на тоа ќе се додадат погоните на германскиот производител, Ауди и Мерцедес, Унгарија оваа година треба да произведе околу 430.000 возила. Тоа е за 100.000 повеќе во однос на 2013 година.

Париз – Францускиот трговски дефицит во јануари е зголемен на 5,7 милијарди евра, покрај падот на извозот на идустриските производи, покажува статистиката на Управата на царината. Во декември лани трговскиот дефицит изнесувал 5,21 милијарда евра. Како што се наведува во извештајот на Управата на царината, вредноста на извозот во јануари падна на 36,3 милијарди евра, од декемвриските 36,9 милијарди. Увозот остана стабилен, со вредност од 42,0 милијарди, во однос на 42,2 милијарди евра во декември.

Берн – Во 2013 година, како и во претходната, Швајцарија го зазема лидерското место според бројот на пријави на патенти во однос на бројот на жителите. Врз основ на податоците на Европската канцеларија за патенти ОЕБ, Швајцарија лани имала 7.966 пријави за заштита на интелектуалната сосптвеност, т.е. 831 на милион жители, додека второто место припадна на Шведска со 402 пријави на милион жители. Во извештајот на Кабинетот се наведува дека, според вкупниот број на патенти, Швајцарија во 2013 година го зазема третото место, зад Германија со 32.022 и Франција со 12.417.

Лондон – Американскиот инвестиционен фонд ККР го заклучи купувањето на кабловскиот и телекомуникациски оператор Јунајтед група, во чии рамки работат СББ и Телемах. Како што се наведува во соопштението, ККР потпиша конечен договор за купување на Јунајтед група од Мид Јуроп партнерс на 15 октомври 2013. Вредноста на договорот е проценета на околу 1 милијарда евра. За таа трансакција биле потребни вообичаени регулаторни одобренија, кои сега се добиени со што е создаден услов за конечно заклучување на купувањето.

Пекинг – Кинескиот министер за трговија Гао Хученг ја предупреди домашната индустрија и компаниите на опасност од прекумерно ширење на дејностите. Повеќедеценискиот бум на кинеската економија направи Кина да стане второ најголемо стопанство на светот и клучен покренувач на глобалниот раст, но истовремено предизвика создавање на внатрешна нерамнотежа. Кинеската компанија Санте пауер, еден од најголемите светски производители на соларни келии и панели, го зазема пазарот благодарение на намалување на цените на своите производи, но на нивоа кои според тврдењето на конкурентите предизвикувале загуби.

Токио – Јапонската компанија Сони постигна договор со компанијата Сумимото Риалти и девелопмент за продажба на зграда во која било неговото седиште последните 60 години. Овој договор, вреден 16,1 милијарди јени или 157 милиони долари, конечно ќе се склучи следниот месец, се наведува во соопштението на Сони. Зградата на Сони се наоѓа во областа Готенјама во близина на железничката станица Шинагава, каде цените на недвижнините од неодамна се во пораст. Компанијата во 2007 година продала дел од имотот на таа локација, преместувајќи го седиштето на другата страна на станицата Шинагава.

Вашингтон – Вкупното богатство на Американците достигна рекордно ниво во последното тромесечје лани благодарение на растот на берзите и обновата на вредноста на недвижнините. Податоците кои ги објави американската централна банка не ги вклучи растот на инфлацијата и зголемувањето на популацијата, така номиналното богатство на просечен Американец и понатаму е помало од пред избивањето на кризата. Вкупниот имот на домаќинствата во САД во последниот квартал во 2013 година порасна за околу 3.000 милијарди долари на 80.700 милијарди долари, се наведува во извештајот на Федералните резерви.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП