20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКаналот ќе ја „потопи“ Македонија?

Каналот ќе ја „потопи“ Македонија?

kanal1

Надлежните институции во Македонија треба внимателно да ги анализираат позитивните и негативните ефекти на мега проектот, пловниот канал Морава-Вардар-Егеј.

Исто така, треба да се провери и економската оправданост на каналот, смета професорот Љупчо Петковски, раководител на Катедрата за хидротехнички објекти на Градежниот факултет во Скопје.

Со реализацијата на пловниот канал Морава-Вардар-Егеј ќе бидат потопени големи земјоделски површини во Македонија и најмалку три населени места во Тиквешкиот и гевгелиско-валандовскиот регион, што ќе има негативни општествени влијанија, како миграција и професионална преориентација на населението, рече Петковски во интервју за „Политика”.

„Проектот би ги променил хидро-геолошките услови во поединечни региони, така што во гевгелиско-валандовскиот регион наводнувањето би морало да се замени со одводнување. Овие промени доведуваат до заклучок дека е неопходно воведувањето на студијата за изводливост”, изјави тој.

Тој потсети дека овој проект е занемарен во последните четири децении, а техничката документација не е унапредена.

За време на тој период заострени се еколошките и социолошките аспекти на водостопанските проекти, а изменети се и стандардите за пловни патишта кои гарантираат нивна рентабилност, изградени се нови транспортни системи, современ автопат и нафтовод од Скопје до Солун, потсетува тој.

Петковски смета дека релевантните институции во Македонија треба да ги анализираат позитивните и негативните ефекти од мега проектот и да ја проверат неговата економска оправданост.

„Проектот заслужува голема внимателност, затоа што ќе проголта огромни финансиски ресурси. Земјата ќе се задолжи, а доколку не ја даде очекуваната добивка, може да се запре цел понатамошен развој на државата”, изјави Петковски и нагласи дека Македонија нема капацитет да финансира толку скап инфраструктурен систем, а според неговото мислење, многу е деликатен и нејзиниот интерес во овој проект.

„Насочување кон проектот „Пловен Вардар”, би ги исцрпело сите расположливи ресурси и би ја занемарило реализацијата на значајните хидросистеми”, изјави Петковски.

Според него, Вардар по однос на билансот на води е многу неповолен за организирање воден сообраќај, а уште понеповолна е хидрологијата на реката Пчиња во чија долина е лоцирана една третина од пловидбениот канал во Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП