18 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Народната банка на Србија (НБС) објави дека нашла начин на кој можат да се намалат каматите на дозволеното надминување на тековните сметки, без дополнителни трошоци. Како што се наведува во соопштението на НБС, банките ќе ја намалат номиналната каматна стапка, која е утврдена како фиксна со договорот за дозволен минус, само со писмена согласност на корисникот на сметката со што не би постоела обврска банката и корисникот да склучуваат анекс договор.

Истанбул – Медицински турист троши пет до десет пати повеќе пари од обичен турист, поради што здравствениот туризам е шанса зазголемување стопанскиот раст. Претседателот на турската фондација „Мармара“, Акан Сувер смета дека инвестирањето во секторот на здравствениот туризам е многу исплатливот и дека треба да биде основна инвестициска стратегија на секоја држава. Сувер истакна дека пазарот на здравствениот туризам е еден од ретките кој го продолжил растот, наспроти светската економска криза.

Подгорица – Надворешно-трговската размена на Црна Гора во јануари оваа година изнесувала 105,4 милиони евра, што е за 23,7 отсто помалку во однос на истиот месец лани. Србија и натаму е главен надворешно-трговски партнер на Црна Гора. Според податоци на Заводот за статистика Монстат, Црна Гора во јануари извезла стока во вредност од 22,6 милиони евра, а увезла за 82,9 милиони евра.

Подгорица – „Централно европската алуминиумска компанија“ (ЦЕАЦ) на Олег Дерипаска од стечајната управа на „Комбинатот за алуминиум – Подгорица“ (КАП) побара да го поништи тендерот или да ја одбие понудата на „Унипром“ за купување на имотот на фабриката. ЦЕАЦ од стечајната управа на КАП побара да го поништи тендерот или да ја одбие понудата на фирмата „Унипром“ од Никшиќ за купување на имотот на поранешниот најголем црногорски индустриски гигант.

Љубљана – Словенечката Влада ги поздрави ревидираните прогнози на ЕК, според кои, успорувањето на словенечкото стопанство оваа година ќе биде помало од очекуваното. Според оценките на Владата во Љубљана, најновите прогнози говорат дека стопанството на Словенија излегува од кризата, откако кон крајот на минатата година избегна меѓународна помош. – Иако граѓаните се уште не чувствуваат подобрување во економијата, можеме да кажеме дека се гледа крајот на кризата, соопшти кабинетот на премиерката Аленка Братушек.

Лондон – Приходите на 250 најголеми светски малопродажни ланци достигнаа 4,3 милијарди долари. Според извештајот Глобална сила на малопродажбата 2014 година, кој го подготви консултантската куќа „Дилојт“ во соработка со „Сторс медиом“, 250 најголеми компании во светот оствариле просечен приход од над 17 милијарди долари во текот на минатата деловна година (јули 2012-јуни 2013). Извештајот првпат содржи и попис на водечките 50 малопродажни ланци кои работат по пат на Интернет и податоците покажуваат дека над две третини од нив, односно 38, се меѓу 250-те најголеми во светот.

Вашингтон – Претседателот на САД Барак Обама побара од Конгресот 300 милијарди долари за развој на патната и железничката мрежа во земјата. Обама барањето формално ќе го упати денес, од железничката и автобуската станица во градот Сент Пол во Минесота. Федералната мрежа на автопатишта ја финансира посебна фондација, но се предвидува дека таа наскоро ќе банкротира. На таа фондација и требаат 100 милијарди долари во следните шест години, само да го одржи сегашното ниво на трошење. Меѓутоа, ниту Обама, ниту Конгресот не сакаат со зголемување на акцизите да го покриваат тој кусок.

Москва – Обемот на рекламниот пазар во Русија лани достигна 328 милијарди рубљи (6,7 милијарди евра) и е за 10 отсто поголем од тој во 2012 година. Како што соопшти Асоцијацијата на маркетинг агенциите на Русија, сите сегменти, освен печатените медиуми, покажале позитивна динамика. Обемот на пазарот на реклами на телевизија е зголемен за девет отсто на 156,2 милијарди рубљи, на радијата за 13 отсто на 16,5 милијарди рубљи, а на интернет за дури 27 отсто на 71,7 милијарди рубљи.

Буенос Ајрес – Советот на директори на шпанската компанија „Рапсол“ прифати компензација за нејзиниот национализиран имот во Аргентина во обврзници вредни 5 милијарди долари, соопшти аргентинскиот министер за економија Аксел Кисилоф. Во април 2012 година арегнтинските власти донесоа одлука да ја повратат во сопственоста над нафтена компанија „УПФ“, при што ги национализираа и 51-те отсто акции на шпанската компанија „Рапсол“, под изговор дека недостигаат инвестиции во секторот за нафта и гас во земјата.

Франкфурт – Измамите со платежни картички во 2012 година пораснаа првпат во последните четири години, најмногу поради измами преку интернет. – Обемот на измамите со  картички во Единствената европска платна зона СЕПА, во 2012 година порасна првпат од 2008 година, пред се поради зголемениот број на измами преку интернет, се наведува во извештајот на Европската централна банка (ЕЦБ). Од таа причина, ЕЦБ повика на преземање на дополнителни напори за да се зголеми безбедноста на плаќање со картички преку интернет.

Вашингтон – Втората по големина швајцарска банка „Креди Свис“ продолжува да ги крие американските инвеститори кои избегнуваат да плаќаат данок во својата земја. Таквото обвинение кон банката е изнесено во новиот извештај на Поткомитетот за истражување на Комисијата за национална безбедност и владини работи на сенатот на американскиот Конгрес, под името Затајување на данок во странство.

Мадрид – Шпанија ќе ја зголеми прогнозата за економскиот раст на еден отсто за оваа година и на 1,5 отсто за 2015 година, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој. Моментната прогноза за растот за 2014 година е 0,7 отсто, откако шпанското стопанство лани забележа пад од 1,2 отсто во време на борбата со последиците од колапсот на пазарот за недвижности во 2008 година. Четвртата по големина економија на еврозоната во третиот квартал во 2013 година се извлече од рецесијата со раст од 0,1 отсто, во најголем дел благодарение на растот на извозот.

Париз – Најголемата европска авионска корпорација „Ербас груп“, во 2013 година оствари раст на нето профитот од 22 отсто. Нето профитот на компанијата лани изнесуваше 1,5 милијарди евра, додека профитот пред одбивањето на каматите и данокот е зголемен за 21 отсто на 3,6 милијарди евра, наведе „Ербас“. Приходите лани пораснале за пет отсто на 59,3 милијарди евра, благодарение на зголемената испорака на авиони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП