Повикувајќи се на извори кои се добро запознаени со бизнис плановите на „Apple“, „AppleInsider“ објави дека „Apple“ наскоро има во план да го стопира производството на втората генерација на својот популарен таблет – „iPad 2“.
Изгледа дека предвидувањата на компанијата „KGI Securities“ се покажаа како точни. Имено аналитичарот од оваа компанија, Минг-Чи Куо, уште во средината на ноември предвиде повлекување на „iPad 2“ од производство. Тогаш Минг-Чи Куо процени дека „Apple“ во последите три месеци од 2013-та година ќе успее да продаде околу 1.7 милиони примероци, додека во првите три месеци од оваа година продажбата ќе биде значително намалена, на само 300.000 примероци.
Тоа е уште еден показател дека дојде време „iPad 2“ да се повлече од производство и минатогодишната одлука на „Apple“ „iPad mini“ со „Retina“ екран да го понуди по иста продажна цена од 399 долари, по која се продаваше и „iPad 2“.
Ако се земе во предвид, дека сепак, станува збор за модел на таблет кој на пазарот се појави во март 2011-та година, а и „Apple“ од тогаш претстави неколку нови и подобри модели, ваквиот развој на настаните е сосема природен.