19 април, 2024

Топло-ладно

stock-market-image

Фундаментална анализа за 10-14 Фебруари 2014

Топло-ладно ! Мораме, едноставно мораме да ги прокоментираме токму вака случувањата на кои бевме сведоци измината недела. Две изненадувања, по малку парадоксални. Првото беше излагањето на гувернерот на ЕЦБ Марио Драги. Пазарот по сите случувања и објави кои воопшто не се охрабрувачки очекуваше реторика во која ќе преовладува сериозна загриженост, можност за споменување на дополнително намалување на каматната стапка на ЕЦБ и силно охрабрување на неограничената поддршка на програмот за ликвидноста на финансискиот сектор. Затоа и еврото до почетокот на излагањето неколку денови беше во надолен тренд. Но наместо очекуваното, од гувернерот слушнавме охрабрувачки тонови дека иако ситуацијата не е сеуште добра сепак ЕЦБ е уверена дека се на добар пат за излез од кризата и дека не постои ризик од евентуална дисторзија во инфлацијата на среден рок, дека системските ризици се далеку зад нас и дека дополнително се поттикнува работата односно соработката на евробанкарската унија со што би се зголемила реалната оперативна моќ на еврозаедницата за справување со финансиските потешкотии. Пазарот оцени дека ваквата реторика е релативно охрабрувачка а еврото се опорави и зајакна во однос на сите валути, за неделата да ја затвори на вредност 1.364 во однос на американскиот долар.

Посебно е интересно случувањето со американскиот долар. Топло-ладно ситуација имавме и кај оваа валута. Запрепастувачки измешани податоци од последната објава. Бројот на невработени е намален од 6.8% на 6.6%. Одлична објава ! Дури и близу до крајната цел на ФЕД од 6.5% која беше планирана да се постигне дури во 2015 година. Но ! Паралелно со објавата за намалување на бројот на невработени имавме и објава за намалување на бројот на вработени !?!? Максимално нелогично но токму така, намален број на невработени и намален број на вработени ?!?! И токму така реагираше и пазарот во моментите по објавата. Нагло падна вредноста на американскиот долар за потоа нагло повторно да зајакне и на крајот повторно да се врати на вредноста на која беше пред објавата.

Очигледно е дека покрај овие топло-ладни реакции американскиот долар некако како да ја губи силата во последно време иако имавме релативно добри економски објави и пофални зборови за американската економија од сите релевантни фактори во светот на финансиите. Па дури и кратењето на монетарното олеснување не може да му ја даде потребната сила на американскиот долар. Чудно навистина. Можеби одговорот за ваквиот развој на настаните треба да го бараме во повторното актуелизирање на проблемот со фискалниот лимит на американскиот буџет. Лимитот сеуште не е поместен. Дефицитот сеуште е голем. Датумот за решение се наближува. 28ми Фебруари ! Тоа е датумот до кога лимитот на балансот за фискалното планирање мора да биде донесен. Еден вид ребаланс, што ќе му овозможи на претседателот Обама и неговата администрација малку да се опуштат во трошењето. Доколку не се успее до овој датум да се изнајде решение ќе уследат повторно проблеми односно повторен принуден одмор на целата државна администрација но овој пат последиците ќе се поголеми бидејќи рејтинг агенциите повторните грешки не ги простуваат како што им простија претходно. А и оние кои купуваат американски државни обврзници (посебо Кина) можеби малку сега ќе го стават прстот на главата ! Ете тоа е маката на американскиот долар сега. Развојот на настаните на политички план ќе влијаат на вредноста на американскиот долар бидејќи во текот на оваа недела нема толку важни објави кои би извршиле некакво поголемо влијание на пазарите.

А за вредноста на еврото ! Наводно е релативно добра и стабилнона состојбата во еврозоната според првиот човек на ЕЦБ (иако показателите не го сугерираат тоа). Затоа и многумина сметаат дека токму ваквата реторика всушност е повторен обид за затскривање под тепих на проблемите кои се преочигледни и вештачко создавање на порозова слика за економијата која во овој момент им е потребна за дополнително да го поттикне опоравувањето. Колку и во прв момент сето тоа да не импресионира да не забораваме дека еврото е премногу лесно ранливо и на најмала негативна вест на политичар или на лоша економска објава може повторно нагло да колабира.

Повторно во трговската и инвеститорска практиката најверојатно ќе биде потврдена онаа стара добро позната законитост : поигрувај на озборувања но дејствувај само врз основа на факти.

 

Адмирал Маркетс,

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП