26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку финансиски кризи имате преживеано?

Колку финансиски кризи имате преживеано?

kriza1

Во текот на изминатите четири децении, во периодот од 1970 до 2011 година, светот беше соочен со повеќе од 430 финансиски кризи.

Во споменатиот период, низ целиот свет имаше 147 банкарски, 217 валутни и 67 должнички кризи, се наведува во заедничката анализа на експертите од ММФ и Банката за меѓународни порамнувања.

Во текот на изминатите пет години, развиените земји беа најчестите жртви на кризата, која одеднаш се заостри, по ескалацијата на должничките проблеми во еврозоната.

Прекумерениот раст на паричната маса, кредитниот „бум“ и слабите резултати на регулаторните тела се главна причина за појавата на финансиските кризи кои го зафатија светот во изминатите четири децении, се наведува во анализата на економистите.

Експертите на ММФ и Банката за меѓународни порамнувања, чие седиште се наоѓа во Базел, укажуваат дека современата финансиска криза најчесто се манифестира во форма на голема валутна нестабилност, проблеми кои се појавуваат во платниот биланс, сервисирањето на надворешните и внатрешните долгови, како и системски проблеми во банкарскиот сектор.

Валутните кризи се појавуваат секогаш кога ќе се случи остра девалвација на националната валута, бидејќи тогаш монетарните власти на државата која го има тој проблем, мораат да трошат големи девизни средства за заштита на својата финансиска единица, а принудени се и да ги зголемат каматните стапки и да воведат ограничување на протокот на капиталот, тврдат експертите на ММФ.

Во анализата на ММФ се наведува дека валутната криза може да биде предизвикана од страна на претходната нестабилност на банкарскиот сектор, како што се случи во Азија кон крајот на последната деценија.

Познатиот американски економист Кенет Рогоф, кој претходно беше шеф на економскиот тим на ММФ, тврди дека валутната криза настапува секогаш кога курсот на некоја валута опаѓа за 15 проценти во период од една година, а инфлацијата во истиот период се зголемува за повеќе од 20 проценти.

Познатиот економист Џефри Френкел смета, сепак, дека валутната криза се манифестира само тогаш кога валутата ќе ослабне за 25 проценти на годишно ниво, а инфлацијата тогаш го надминува нивото од 10 проценти.

Проблемите кои се појавуваат во платниот биланс и во тековните плаќања, кои се последица на неочекуваниот одлив на капитал или пад на цената на основните извозни производи, лошо влијае на реалниот сектор на економијата и потоа се манифестира во форма на финансиска криза, наведуваат економистите од ММФ.

Кога некоја земја не е во можност или не сака навремено да ги сервисира своите надворешни долгови, тогаш започнува државната должничка криза, а на тој проблем, според мислењето на експертите од ММФ, навремено укажуваат меѓународните кредитни рејтинг агенции и глобалните финансиски институции.

Внатрешната должничка криза, според некои аналитичари на ММФ, се појавува кога државата не ги исполнува сопствените обврски искажани во домашната валута. Такви видови на криза можат да се манифестираат во многу форми, а една од катастрофалните последици може да биде и хиперинфлацијата.

Системската банкарска криза се појавува кај банките кога тие, плашејќи се од нагло одлевање  на депозитите или поради други проблеми во обезбедување на ликвидноста, воведуваат различни кредитни и други ограничувања. Затоа, обично, во целиот процес се вклучуваат Централните банки за да обезбедат ликвидност и да ги докапитализираат ранливите банки.

Во случај на банкарска криза, според експертите на ММФ, тешко е да се одреди нејзиниот почеток и крај, обично се смета дека започнува со нагли одливи на депозити, а завршува кога пристигнува помошта од централната монетарна власт.

Според податоците на ММФ, во осумдесетите години од минатиот век во светот доминирале валутните кризи, додека периодот од 1999 до 2000 година може да се дефинира како период на банкарски кризи.

Најголемиот број на финансиски кризи во периодот од 2001 до 2007 година, се случија во помалку развиените земји во светот, а потоа беа погодени и најразвиените земји, вклучувајќи и повеќе периферни членки на еврозоната.

Некои од сега високо развиените европски земји, вклучувајќи ги и Франција и Шпанија, претходно, исто така, беа често во финансиска криза.

Франција, на пример, во периодот од 1550 до 1800 година била принудена осум пати да објави банкрот во отплата на надворешниот долг, додека Шпанија, поради фискалните проблеми и преголемиот јавен долг, во периодот од 1557 до 1596 година објавила банкрот четири пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП