8 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Ако Владата на Србија договори аранжман со ММФ, можат да се обезбедат поефтини извори за финансирање да се пребродат реформите во јавниот сектор, сметаат во ИЗИТ. Соработникот од Институтот за пазарни истражувања Саша Ѓоговиќ рече дека во првиот квартал оваа година ќе бидат изразени инфлаторните текови и дека од тоа како ќе се направи програмата со ММФ зависи идниот развој на економската слика на земјата. – Добро ќе биде покрај новиот пакет економска програма, кој ќе се усогласува, да се обезбедат поефтини извори на финансирање за да се преброди периодот на хируршките зафати во реформите на јавниот сектор – рече Ѓоговиќ.

Белград – Владата на Србија и светскиот лидер во кондиторската индустрија Фереро потпишаа Меморандум за разбирање во Белград. Инвестициите на таа компанија, како што е истакнато, на Србија ќе овозможи да стане европски центар за производство на лешници. Министерот за земјоделство Драган Гламочиќ по потпишувањето на документот, изјави дека инвестициите на Фереро ќе овозможат површините на кои ќе се произведуваат лешници во Србија од сегашните 1.000 хектари да се зголемат на над 10.000 хектари до 2020 година.

Белград – Сопствениците на становите и куќите во Србија ќе добиваат нова сметка на данок на имот, а уплатиниците за граѓаните ќе бидат зголемени од 20 до дури 80 отсто. Ќе има и сметки на кои износот нема да се промени, но и среќници чии недвижнини од скапа се префрлиле во поефтина зона, па сметката ќе им биде помала. Локалните самоуправи, во чија надлежност е овој данок, подготвуваат нови решенија, кои на адреса на граѓаните ќе почнат да стигнуваат по 1 април. Многу локални самоуправи нема да ја променат даночната стапка, но основата ќе ја изменат во зависност од тоа во која зона се наоѓаат недвижнините.

Загреб – Хрватска со даночна стапка од 46,3 отсто и кога ќе се собере данокот на доход и социјалните придонеси е веднаш зад Белгија и Грција, покажува истражувањето на КПМГ. Поповолни од Хрватска се Италија и Германија, кои се на четврто и петто место, додека соседна Босна и Херцеговина го зазема 19 место. Иако многу земји ги зголемија даноците поради спасување на јавните финансии, загрижува податокот дека Хрватска има значително поголеми даноци во споредба со земјите во опкружувањето, пишуваат хрватските портали.

Љубљана – Бројот на невработени лица во Словенија во јануари изнесувал околу 130.000, што е 5 отсто повеќе од декември лани и 15 отсто повеќе од јануари 2013 година. Стапката на невработеност меѓу младите до 29 години старост се зголемува и сега се околу 34.000 според најновите податоци на словенечкиот Завод за вработување, пренесе регионалниот портал Сеебиз. Организациите кои ги застапуваат младите тврдат дека државата не презема системски мерки за намалување на невработеноста меѓу младите, бидејќи поради штедење ја намалила можноста за истражувачка дејност и дополнителното образование на младите.

Будимпешта – Унгарскиот парламент одобри трета рунда на намалување на цената на електричната енергија и комуналните услуги. Тоа е најнова мерка која премиерот Виктор Орбан ја нарече борба против доставувачите на енергија, кои бележат голем профит. Со новиот закон се предвидува намалување на цената на гасот за домаќинствата од 6,5 отсто почнувајќи од 1 април, потоа намалување на цената на електричната енергија за 5,7 отсто од 1 септември и намалување на цената на далечинско греење од 3,3 отсто од 1 октомври, пренесува Франс прес.

Женева  – Парничните трошоци со кои беше соочена втората најголема швајцарска банка Креди Свис, влијаеа профитот на банката во четвртиот квартал да стагнира. Во периодот од октомври до декември швајцарската банка оствари нето профит од 267 милиони франци т.е. 295 милиони долари, во споредба со профитот од 263 милиони франци од истиот период лани. Стагнирањето настана откако банката остави на страна 339 милиони франци за да ги плати трошоците на тековната парнична постапка и издвои 175 милиони франци за покривање на трошоците во американската истрага околу затајувањето на данокот.

Стокхолм – Вториот светски производител на камиони шведската компанија Волво најави гасење на 4.400 работни места по растот на профитот помал од очекуваниот, поради негативниот ефект на девизните курсеви и трошоци при пласирањето на новите модели. Волво, кој меѓу другите ја поседува и марката рено тракс (Renault Trucks), во четвртиот квартал во 2013 година оствари оперативен профит од 3,08 милијарди шведски круни т.е. 348 милиони евра, додека финансиските експерти во просек предвидуваа 3,80 милијарди круни.

Берлин – Германската централна банка до 2020 година на територијата на земјата ќе врати вкупно 674 тони злато кои сега ги чува во Њујрк и Париз, рече претставник на банката. Тој рече дека Бундесбанка нема да може да го следи претходно најавениот план за враќање на благородните метали во Германија. Тоа наводно го спречуваат некои мистериозни причини, пишува весникот Ханделсблат. Претставникот на Бундесбанка пишувањето го нарече неосновано.

Москва – Рускиот премиер Дмитриј Медведев нареди на политичарите да изработат планови за преселување на директорските канцеларии на некои државни фирми на далечниот исток на земјата. Целта на таа одлук ае да се развие тој регион, објави висок функционер. Русија сака да ја зајакне својата позиција во Азија, во која се наоѓаат некои од најголемите купувачи на гас и нафта, вклучувајќи ги Јапонија и Кина и се обидува економски да го зајакне тој ретко населен регион кој се простира од Сибир до источниот брег.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП