23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПриходите во глобалната интернет трговија надминаа 1.000 милијарди долари

Приходите во глобалната интернет трговија надминаа 1.000 милијарди долари

global

Глобалните приходи кои се остварени во електронската трговија минатата година, за прв пат надминаа 1.000 милијарди долари, од кои најголемиот износ повторно е забележан во САД, додека Кина е на пат оваа година да се пробие на второто место, објави истражувачката компанија „eMarketer“.

Така, глобалните приходи од трговијата по пат на интернет минатата година се зголемија за 21,1 отсто, на нешто повеќе од 1.000 милијарди долари, објави во вторникот компанијата за прибирање и обработка на пазарни податоци, чие седиште е во Њујорк.

Воедно се предвидува дека глобалната продажба во 2013 година ќе зајакне за дополнителни 18,3 отсто, првенствено поради силниот раст во Азија.

Северна Америка и понатаму останува водечки регион за електронска трговија, со остварени приходи од 364 милијарди долари во минатата година, што е зголемување од 13,9 отсто, во однос на 2011 година.

Во 2013 година, по процена на истражувачката компанија, азиско-пацифичкиот регион најверојатно ќе се пробие во водство, со оглед на очекуваниот раст на приходите за 30 отсто, на 433 милијарди долари.

Приходите во електронската трговија во САД, за минатата година се проценети во износ од 343 милијарди долари. По неа Јапонија со остварени 127 милијарди долари, Британија со остварени 124 милијарди и Кина со 110 милијарди долари.

Кина оваа година според прогнозите на „eMarketer“  би требала да се пробие на второ место во светот, со оглед на проценетите 65 отсто раст на приходите, на 181 милијарди долари. САД би требало да остане најголем пазар, но понатамошниот раст приходите ќе ги намали за 12 отсто и ќе достигнат 384 милијарди долари.

Просечната потрошувачка по жител во Кина е намалена и оваа година би требала да изнесува вкупно 670 долари. Меѓутоа бројот на локалните клиенти е во силен пораст, така што се очекува бројот на оние кои купуваат преку интернет во Кина двојно да се зголеми помеѓу 2012 година  и 2016 година, се вели во соопштението на „eMarketer“.

Податоците кои ги користи истражувачката компанија, вклучува трговија на мало, купување туристички билети и аранжмани како и дигитални содржини купени по пат на сите дигитални канали, со исклучок на обложување и купување на влезници.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП