24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбама до нацијата: Дајте и повисоки плати на Америка

Обама до нацијата: Дајте и повисоки плати на Америка

obama

Закана до републиканците дека одлуките ќе се носат и без нивна согласност, повик за подобрување на правата на жените и сиромашните и емотивен момент при спомнувањето на војник тешко ранет во Авганистан беа најзначајните елементи на годишното обраќање на претседателот Барак Обама до нацијата.

Редовното годишно обраќање на претседателот за „Состојбата на Унијата“ со денови беше најавувано како момент кога Обама ќе промовира серија директиви, кои ќе имаат извршна сила, иако немаат мнозинска поддршка во Конгресот.

Самиот Обама пред говорот изјави дека „има подготвено пенкало“ со кое ќе почне да потпишува укази, а за време на обраќањето најави директиви за нови построги правила за компаниите, загадувачи на животната средина, зголемување на минималната плата ма вработенити во компаниите кои работат на државни проекти и контрола врз оружјето.

– До секој градоначалник, гувернер и конгресмен во Америка, Ви велам, неможеме да чекаме Конгресот да преземе акција. Американците ќе ве поддржат ако самите почнете со тоа. За неколку недели, јас ќе потпишам извршна наредба со која ќе побарам од сите компании кои работат со централната Влада да им исплаќаат минимална плата од 10 долари и 10 центи по час на свотие вработени. Бидејќи ако готвите за нашите војници или им ги миете чиниите, не треба да живеете во сиромаштија. Приклучете и се на државата.Кажете да. Дајте и повисоки плати на Америка, изјави Обама најавувајќи една од извршните наредби.

Освен да ги зголемат платите на вработените, Обама ги повика компаниите во САД доброволно да ги изедначат платите на вработените жени со тие на мажите.

Обама состојбата со правата на жените на работните места ја спореди со нивната дискриминација
во серијата „Мед Мен“ и рече дека „жената заслужува да може да роди дете без да си ја ризикува работата“.

Соочен со фактот дека нема доволно гласови во Конгресот, претседателот Обама сепак побара поддршка од конгресмените за некои од законските решенија кои не може да ги протурка со директиви.

Тој го повика Конгресот во текот на годинава да донесе измени на законот за имиграција во САД.

– Економистите сметаат дека реформа на имигрантскиот систем ќе ја зголеми нашата економија и ќе го намали дефицитот за билион долари во следните две децении.

Луѓето доаѓаат тука да ги исполнат своите соништа, да студираат, откриваат работи и придонесуваат
кон нашата култура. Ја прават нашата земја поатрактивно место за бизнисите да отворат работни места за сите.

Затоа, ајде годинава да ја спроведеме реформата на имиграцијата, изјави Обама.

Американскиот претседател зборуваше малку повеќе од еден час, а во текот на говорот 80-ина пати беше прекинуван со бурен аплауз на демократските конгресмени.

Републиканците во најголем дел молчејќи го следеа говорот.

Во текот на обраќањето, Обама повеќе пати се осврна на гостите на првата дама, поканети со цел да се илустрираат одредени делови од говорот.

Меѓу нив беа Мисти ДеМарс, која претседателот Обама ја посочи како жена која останала без приходи поради истекувањето на исплатата на социјалната помош за невработените.

Џон Сорано, сопственик на пицерија од Минеаполис, беше поканет како бизнисмен кој на вработените им дава плата која е повисока од минималната плата. Но, далеку најмногу емоции и аплауз предизвика
споменувањето на Кори Ремзбург од Аризона, ренџер на американската армија кој претрпел тешка мозочна повреда во Авганистан.

– Кори е тука со нас. И како и Армијата која ја сака, и како Америка на која и служи, поручникот од прва класа Кори Ремзбург никогаш не се предава и нема да се предаде, изјави Обама при крајот на своето обраќање, предизвикувајќи го најдолготрајниот аплауз во салата.

Во врска со Авганистан, Обама најави дека во текот на годината, САД ќе ги повлечат своите сили од оваа земја, ставајќи крај на „најдолгата војна во историјата на САД“.

Обама остави можност мал американски контингент да остане во оваа земја, доколку Авганистанците се
согласат со тоа.

Од другите надворешно-политички приоритети, Обама накусо се осврна на Сирија, велејќи дека САД ќе работат со меѓународната заедница за крај на теророт во оваа земја, но притоа вети и дека нема да испраќа американски војници во мисии во странство.

За Украина, Обама рече дека САД го почитуваат принципот дека нејзините луѓе можат да се изразат слободно и мирно, и да учествуваат во иднината на својата земја.

Американскиот претседател повторно најави затворање на затворот во Гвантанамо Беј на Куба, нешто што беше негово ветување уште во претседателската кампања во 2008 година.

По критиките за прислушување на сојузничките држави и за вршењето ликвидации со беспилотни летала, тој најави ревизија за законите за прислушување и рече дека ја ограничил програмата за ликвидации на терористи.

По прашањето на Иран, Обама му се закани на Конгресот, да не се обидува да го спречи водењето на преговори за прекин на иранската нуклеарна програма.

– Преговорите со Иран се тешки и можеби нема да успеат. Но, ако Џон Кенеди и Роналд Реган можеа да преговараат со Советскиот Сојуз, сигурно силна и самоуверена Америка може да преговара со помалку силен противник.

Дозволете да бидам јасен – ако Конгресот ми испрати нов закон за санкции кон Иран, кој се заканува да ги запре овие преговори, јас ќе му ставам вето, изјави Обама.

Големо мнозинство од конгресмените и сенаторите не веруваат во разговорите што Белата Куќа и Стејт департментот ги водат со Иран и се противат на ублажувањето на санкциите кон Техеран.

Обама најави и нови трговски договори со Европа и со земјите од регионот на Пацификот, но не пропушти и да ја обвини странската трговска конкуренција за „тридецениско елиминирање на голем број добри работни места од средната класа и ослабнување на економските основи врз кои стоеа американските семејства“.

Соочен со критики за здравствената реформа, Обама ниту еднаш не го употреби името „Обамакер“, како што е нарекуван законот со кој темелно се смени начинот на кој функционира американската здравствена осигурителна индустрија.

Тој ги повика младите да уплатат за осигурување според овој закон, како и да им се јават на роднините и пријателите, да ги повикаат да се осигураат.

– Мајки, кажемте им на децата да се пријават. Деца, јавете се на мајка ви и помогнете и да се пријави. Ќе бидете помирни, а и ќе и биде мило да ве слушне, изјави Обама.

Поголем број републикански конгресмени одговорија на обраќањето на Обама.

Конгресменката Кејти Мекморис Роџерс го даде официјалниот партиски одговор, велејќи дека за своето здравје најдобро ќе се грижат самите граѓани, а не државата.

Сенаторите Мајк Ли и Ренд Пол дадоа одговор во име на десничарското републикнаско крило „Чајанка“,
обвинувајќи го Обама дека ја задушува економијата на САД со преголемите регулативи и превисоките даноци и сака да ги направи Американците зависни од државна помош.

Една од најчестите критики на републиканците, по обраќањето на Обама, беше што не го спомна нафтоводот Кистон, кој треба да обезбеди снабдување на САД со нафта од новооткриените наоѓалишта во Канада, а кој Обама го блокира поради еколошки причини.

Претседателот се пофали дека во негово време производството на нафта и гас во САД бележи рекорди, но во исто време повика на намалување на даночните олеснувања кои ги добива нафтената индустрија и построги критериуми за термоелектраните, што републиканците го протолкуваа како повик да се ограничи производството на енергенси.

Големата сала на Претставничкиот дом на Конгресот беше премала да ги прими сите поканети, а особено жестока беше борбата да се добие место близу до влезот од каде помина претседателот, за да се добие шанса за поздрав со Обама.

Конгресменот Елиот Енгел од Њујорк беше споменат како еден од групата конгресмени кои со часови пред
обраќањето седеле во салата, чувајќи си го местото најблиску до влезот.

Дел до граѓаните поканети на обраќањето беа тука со цел да обрнат внимание на одредено прашање.

Така, конгресмените Рик Ларсен и Чарли Ренгел ги поканија мајката и сестрата на Кенет Бае, американски државјанин кој беше осуден на 15 години строг затвор во Северна Кореја, под обвинение дека е американски шпион.

Внимание предизвика и присуството на Вили Роберстон, брадестата ѕвезда на телевизиското шоу „Дак Дајнасти“, кое неодамна за малку ќе беше тргнато од програмата поради изјава со која се критикуваа хомосексуалците.

Од друга страна, како гостин на првата дама беше Џејсон Колинс, поранешниот кошаркар на НБА, кој јавно изјави дека е хомосексуалец.

Обраќањето на Обама не помина без инциденти. Конгресменот Мајкл Грим, републиканец од Њујорк, на крајот на интервју со локален новинар, изнервиран што добил прашање надвор од темата на говорот на Обама, му се закани велејќи: „Ќе те скршам на пола и ќе те фрлам од балконот“.

Обраќањето на Обама беше бојкотирано од тројцата најконзервативни членови на Врховниот суд на САД. Во 2010 година, Обама упати серија критики кон пресуда на Врховниот суд со која се овозможи полесно финансирање на изборните кампањи.

Судијата Семјуел Алито, еден од тројцата кои синоќа не дојдоа на обраќањето на претседателот, тогаш беше снимен како одмавнува со главата додека претседателот зборува и тивко вели: „Не е вистина“.

Претседателскиот говор имаше и комични моменти. Еден од нив беа смешните гримаси кои потпретседателот Џо Бајден, седнат директно зад Обама, ги направи неколку пати за време
на говорот, кога со широка насмевка упатуваше поздрави до поранешните колеги од Конгресот.

Конгресменот од Тексас Луи Гомерт, жесток критичар на претседателот, дојде со вратоврска со Дедо Мраз, велејќи дека Обама ќе даде многу ветувања, исто како Дедо Мраз, но овие ќе бидат платени од страна на денешните деца.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП