2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕБОР: Растот на БДП во Македонија годинава три отсто

ЕБОР: Растот на БДП во Македонија годинава три отсто

ebor

Европската банка за обнова и развој во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија од три проценти во 2014 година, што е за 0,3 отсто повеќе од претходната прогноза.

Според извештајот на ЕБОР, само Косово ќе има поголем раст од Македонија од 3,5 проценти. Економијата на Црна Гора ќе порасне за два процента, на БиХ и Бугарија за 1,8 отсто, Албанија за 1,7 проценти, Србија за 1,3 отсто и Хрватска за еден процент. Просечниот раст на БДП во регионот на Југоисточна Европа според ЕБОР ќе биде 2,1 процент.

Закрепнувањето во регионите каде што инвестира ЕБОР се очекува да биде бавно оваа година и покрај подобрувањето на состојбите во најразвиените економии, вклучително САД и еврозоната, се посочува во извештајот. Економистите на ЕБОР предвидуваат раст од скромни 2,7 проценти во 2014 година, исто како во ноемвриската проекција, што претставува зголемување споредено со 2-процентниот раст во 2013 година.

За одржливо закрепнување потребно е земјите во регионот да продолжат со структурните реформи и да се справат со последиците од кризата, вклучително и високите стапки на нефункционални кредити и долгорочна невработеност, се вели во извештајот.

Во најновиот извештај на ЕБОР се вели и дека растечките економии се уште трпат поради одлив на капитал, што најверојатно ќе потрае имајќи го предвид очекуваното постепено стегање на монетарната политика на САД.

Првпат по 2011 година нето приватните капитални текови се негативни во регионот на ЕБОР во третиот квартал.

Светската економија покажува позитивни знаци, особено во понапредните земји. Сепак, регионот на ЕБОР се уште не е надвор од опасност и се соочува со многу предизвици, вели главниот економист на ЕБОР Ерик Берглоф.

ЕБОР укажува и дека се намалува степенот на задолженост, пред се во некои земји од Централна Европа и Балтикот (ЦЕБ) и Југоисточна Европа (ЈИЕ), фактор што го одложува кредитниот пораст.

Во извештајот се нагласува добредојденото зголемување на кредитирањето во локална валута во многу земји од Централна и Југоисточна Европа, како што се Унгарија, Полска, Бугарија и Македонија. Достапноста до кредити во странска валута во овие земји е погодена од процесот на намалување на степенот на задолженост, додека кредитите во локална валута забележаа умерен раст.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП