3 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Осло – Секој жител на Норвешка во средата теоретски стана милионер, благодарение на најбогатиот државен инвестициски фонд на светот. Норвешкиот пензиски фонд Глобал е основан во 1990 година, во своја сопственост има 1 отсто од светските акции, како и обврзници и недвижнини од Лондон па се до Бостон, што ја прави оваа нордиска земја исклучок во момент кога други нации се борат со огромни долгови. Во соопштението на централната банка на Норвешка, која раководи со фондот, се наведува дека средствата на фондот, благодарение на приходите од високите цени на нафтата и гасот, пораснале на 5,11 билиони круни (828,66 милијарди долари), што е речиси милион пати повеќе од популацијата на оваа земја, која според последните проценки изнесува 5.096.300.

Белград – Даночната управа на Србија објави список на најголемите даночни должници, кој го предводи Застава оружје од Крагуевац со 6,48 милијарди динари долг. На второ место е Симпо од Врање, која должи 3,98 милијарди динари, се наведува на сајтот на Даночната управа.

Белград – Србија ќе мора да вработи и да оспособи експерти за да може да ги искористи средствата од претпристапните фондови од ЕУ, велат во Кабинетот за европски интеграции. Србија може да очекува нешто поголеми средства од претпристапните фондови во следниот буџетски циклус на ЕУ, но ќе мора да вработи и да оспособи експерти за да може да ги искористи, рече заменик директорот на Кабинетот на Владата на Србија за европски интеграции, Огњен Мириќ. Во интервју за порталот АурАктив Србија, Мириќ рече дека за земјите од Западен Балкан и Турција за буџетскиот период 2014-2020 се издвоени 11,6 милијарди евра, што е одредено зголемување во однос на буџетот од 2007-2013 година, кога беа издвоени 11,4 милијарди евра.

Белград – Сопственикот на МК група Миодраг Костиќ го зголеми својот сопственички удел во АИК банка од Ниш, пишуваат Новости. Народна банка на Србија потврди дека Костиќевиот Суноко доби дозвола да ги купи акциите. – Од почетокот на 2013 година до денес, по повод преземањето на мнозинскиот удел во сопственост над АИК банка, ни се обраќаа две лица – изјавено е за Новости во НБС.

Белград – МК Група преговара со Подравка за можна соработка и настапи н анови потенцијални пазари, а не за корпоративно поврзување, речено е во таа компанија. МК Група за Танјуг наведе дека веќе некое време преговара со Подравка за можна идна соработка. – Потенцираме дека не станува збор за сопственичко здружување, туку за настапи на нови потенцијални пазари, за двете компании – велат во МК Група.

Љубљана – Индексот на Љубљанската берза СБИ ТОП падна 0,5 отсто, на 672,82 поени, со вкупен промет од 1,8 милиони евра, за што главен виновник е катастрофалниот пад на акциите на Меркатор по наводната намалена понуда од Агрокор за купување на најголемиот словенечки трговски ланец. Според извештајот на Љубљанската берза, цената на акциите на Меркатор падна 12,2 процетни на 71,10 евра, од 152.860 евра промет, по информацијата дека Агрокор сака да ја намали понудата од 120 на 80 евра по акција.

Подгорица – Претставниците на Министерството за сообраќај на Црна Гора и кинеската компанија CCCC, ќе почнат преговори за договор за изградба на дел од автопатот Подгорица – Колашин. Тоа е приоритетна делница од автопатот Бар – Болјаре. Ќе се преговара за изработка на главен проект за изградба, набавка и опрема за тој пат. Портпаролот на Министерството за сообраќај Јелена Распоповиќ, рече дека црногорската страна очекува преговорите и административните активности во врска со проектот на автопатот да бидат завршени до крајот на јануари.

Љубљана – Словенија во првите 11 месеци лани извезла стока во вредност од речиси 20 милијарди евра, а увозот изнесувал 20,4 милијарди. Како што објави словенечкиот Завод за статистика, извозот во периодот јануари-ноември 2013 година изнесувал 19,998 милијарди евра, додека увозот бил 20,419 милијарди евра. Дефицитот на стоковата размена изнесувал 420,6 милиони евра, а покриеноста на увозот со извозот 97,9 отсто. Извозот е зголемен 2,2 отсто во однос на истиот период лани, а увозот е поголем 0,1 отсто.

Загреб – Стапката на невработеност во Хрватска е зголемена во ноември лани, покажаа најновите податоци на европското статистичко биро Евростат. Истовремено невработеноста во еврозоната и 28 члената ЕУ во ноември остана непроменета во споредба со претходниот месец. Во еврозоната сезонски прилагодената стапка на невработеност во ноември изнесувала 12,1 отсто, а во ЕУ 10,9 отсто, што значи дека се задржале на нивоата од претходниот месец. Во Хрватска стапката на невработеност е зголемена на 18,6 отсто, од 18,4 во октомври. Во ноември лани без работа биле 302.000 хрватски граѓани.

Сеул – Стопанството на Јужна Кореја оваа година ќе има најбрзо темпо на раст за четири години, од 3,8 отсто. Таа земја чија економија се потпира на извозот, минатиот месец имала приходи од извозот кои биле поголеми од очекуваните, наспроти загриженоста дека јакнењето на јужнокорејскиот вон во однос на американскиот долар, ќе ги загрози извозниците. Според гувернерот на Централната банка Ким Чунг Шуа, одлуката на Централната банка на САД да ги намали стимулсите за тамошното стопанство, ќе биде поволна за Јужна Кореја бидејќи тоа е показател за јакнење на американската економија.

Виена – Тешката несреќа на возачот на формула 1 Мајкл Шумахер, ја поттикна продажбата на ски кациги во Австрија и Германија. – Продавачите оценуваат дека дошло до пораст од 20 до 30 отсто во споредба со ланската година – за агенцијата АПА рече директорот на трговија со спортска опрема Спорт 2000 Холгер Швартинг. Исто така и другите ланци на продавници за спортска опрема укажуваат дека продажбата на оваа заштитна опрема е зголемена за 20 отсто.

Пекинг – Продажбата на нови возила во Кина, најголем светски пазар на автомобили, во минатата 2013 година пораснала 13,9 отсто. Со тоа продолжи трендот на раст од 4,3 отсто во 2012 година и 2,5 отсто во 2011 година, покажуваат официјалните статистички податоци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП