3 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Њујорк – Американската компанија Амазон, во овогодишната празнична сезона оствари рекордна продажба во својата историја, иако овој пат некои божикни пратки задоцнија поради проблеми во курирските компании УПС и Федекс. Амазон регистрираше 36,8 милиони порачки, пренесе швајцарскиот весник 24 часа. Компанијата исто така соопшти дека во третата недела на декември доби над милион претплатници за својот сервис Прајм, кој комбинира бесплатна достава на порачаната стока, во рок од два дена и пристап до дигитални содржини филмови, серии, книги.

Белград – Патишта на Србија по Новата година и официјално ќе поднесат барање до Владата за зголемување на цените на патарината во просек за 20 отсто, најави Зоран Дробњак. Со барањето на Патишта на Србија за зголемување на патарината претходно треба да се согласат министерствата за сообраќај, финансии и стопанство, рече в.д. директорот на тоа јавно претпријатие и додаде дека дури потоа за тоа може да одлучува Владата на Србија.

Сараево – Босна и Херцеговина ја потресува афера со обелоденувањето на енормно високите плати на политичарите, што го објавија сараевските медиуми, повикувајќи се на податоците од Даночната управа. Според тие податоци, платите на некои босански функционери за март, април и мај оваа година достигнуваат и над 40.000 марки околу 20.000 евра. Поранешниот директор на компанијата Босналијек Неџад Полиќ во март примил плата од 14.927 марки, додека за мај освоил премија поради што му било исплатено 41.762 марки. Поранешниот комесар на Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон Среќко Глибиќ во април добил плата од 24.025 марки, додека членот на Управата на Сараево осигурување Изет Јелиќ добил плата во висина од 19.907 марки околу 10.000 евра.

Сараево – Со цел за намалување на одливот на ИТ експертите во други земји и за развој на националната економија, Сараево во следната година ќе отвори прв информатичко-програмерски ХУБ. ХУБ во светот е популарен концепт на работење кој подразбира собирање на поголем број на информатичко-технолошки компании на една локација. Основната предност во работењето на ХУБ се можностите за интензивна соработка, побрза размена на знаења, како и заедничко делување на малите и средни ИТ компании, за да можат преку нивното поврзување и јакнење на конкурентноста да пристапат на нови и поголеми пазари и да создадат нови работни места.

Њу Делхи – Најголемата платформа за тргување со биткоини во Индија BuySellBitCo.in, ги запре сите операции, откако централната банка на таа земја предупреди на ризици. – Го прекинуваме купувањето и продажните операции, се додека не изработиме јасна рамка на тоа што го правиме, се наведува на интернет сајтот на BuySellBitCo.in и се додава дека овој потег е во интерес на заштита на клиентите, пренесе Франс прес.

Њујорк – Соосновачот и поранешен извршен директор на канадската компанија Блекбери, Мајкл Лазаридис, се откажа од планот за преземање на целата компанија. Имено, тој го намали уделот во таа компанија производител на смартфони од 5,68 отсто на 4,99 отсто. Лазаридис оваа недела продаде акции во вредност од 26 милиони долари, поради што во негов посед сега има 26,3 милиони акции, или 4,99 отсто од целосниот удел во Блекбери, јави њујоршката агенција Блумберг.

Берн – 2013 година за швајцарската индустрија на часовници може повторно да биде рекордна поради извозот. Се очекува извозот оваа година да надмине бројка од 21,4 милијарди франци, колку што изнесуваше во 2012 година, соопшти швајцарското Здружение на производители на часовници. Кина, заедно со Хонгконг останува главен клиент за швајцарските часовници, иако во 11 месеци оваа година, само на пазарот на Кина, забележан е пад на продажбата од 15 отсто, на 1,3 милијарди франци, пренесе швајцарскиот весник 24 часа.

Пекинг – Вредноста на кинескиот извоз во 2013 година ќе достигне 4.140 милијарди долари, што е 7 отсто повеќе во однос на минатата година, но и под планираните осум отсто.

Берлин – Ауди, филијала на групацијата Фолксваген, ќе инвестира околу 22 милијарди долари од 2014 до 2018 година во лансирање на нови модели, изградба на фабрики и развој на технологијата. Оваа сума подразбира годишна инвестиција од околу 4,4 милијарди евра, за разлика од 2,6 милијарди од планот усвоен во декември 2011 година. Ауди благодарение на овие инвестиции очекува да го стигне или престигне БМВ, својот главен конкурент и глобален лидер во секторот за луксузни возила.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП