1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономските последици од Арапската пролет

Економските последици од Арапската пролет

revolutio

Транзицијата во Тунис, Египет и Либија ниту три годиини по револуцијата, со која беа сменети тамошните режими, се уште не е завршена, а политичката нестабилност остави тешки последици врз економиите на тие земји, јави Танјуг.

Невработеноста, која беше една од главните причини за народните протести, не е намалена, нагласуваат аналитичарите.

Без разлика на степенот на извршени политички трансформации и различни структуралните реформи во стопанството, економиите во земјите зафатени од Арапската пролет се во полоша состојба од пред три години.

Тие земји и натаму патат од низок Бруто домашен производ, голема стапка на невработеност, мал извоз, сива економија, неконкурентност на компаниите и одлив на капитал.

Главна причина за економското слабеење на Тунис и Египет е намалување на приходите во туристичкиот сектор, кој претставува главен фактор за стопанството на тие држави.

Либија минува низ длабока економска криза поради претераната зависност од извозот на нафта.

Либиската економија е во криза поради големиот пад на производството на нафта, која е намалена од 1,5 милиони барели дневно од времето пред кризата на 250 илјади барели дневно, поради демонстрациите и логистичките проблеми.

Според аналитичарите уште една причина за економската деградација на овие земји е некомпетентноста на исламистичките партии на власт.

Државните финансии на овие земји се исто така доведени до критична точка. За да го „купат“ социјалниот мир, актуелните власти продолжуваат со субвенционирање на основните животни продукти.

Во студијата на британската банка ХСБЦ, објавена во октомври се наведува дека Арапската пролет во изминатите три години чинела 590 милијарди евра.

Според студијата, кон крајот на 2014 година, БДП на седум економски најпогодени земји, во кои се случи Арапската пролет, Египет, Тунис, Либија, Сирија, Јордан, Либан и Бахреин, ќе биде 35 проценти понизок пред избивањето на народните протести во 2011 година.

Светската банка во својот годишен извештај оцени дека перспективите на овие земји за 2014 година се неизвесни и оти зависат пред се од политичката ситуација, која засега е крајно нестабилна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП