19 април, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Вкупните кредити на компаниите и граѓаните во Србија на крајот на ноември оваа година изнесуваа 2.153 милијарди динари (18,8 милијарди евра), што е 3,4 отсто помалку од крајот на октомври, објави Здружението на банки на Србија. Кредитите на фирмите изнесувале 1.433 милијарди динари (12,5 милјарди евра) и се за 4,8 отсто помали од крајот на октомври, а за седум отсто помали од крајот на минатата година.

Белград – Претпријатието „Железници на Србија“ понуди извозот на српски производи за Русија да се одвива со директни возови. Договорот е постигнат во Белград на состанок на генералниот директор на „Железниците на Србија“ Драгољуб Симоновиќ, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (СИЕПА), Владимир Миленковиќ и директорот на фирмата „Натура Кооп“, Огњен Мрваљевиќ, чија компанија е една од заинтересираните за извоз на производи во Русија преку железницата.

Загреб – Компанијата „Монсанто“ објави оглас на хрватскиот портал „Мој посао“, во кој бара претставник за продажба на подрачјето на цела Хрватска. Задачата на претставникот на „Монсанто“ во Хрватска, како што е најавено, ќе биде создавање на врски со земјоделците, организирање на состаноци со земјоделската заедница, собирање на информации и пласман на производи на компанијата. Идниот продажен претставник на „Монсанто“ мора да има диплома од областа на агрономијата, три години искуство во земјоделската индустрија и барем една до две години искуство во продажбата.

Москва – Во 2013 година преку сомнителни трансакции од Русија во странство се одлеал капитал во износ од 22 милијарди долари, соопшти претседателот на Банката на Русија, Елвира Набиулина. Според неа, лани обемот на слични трансакии достигнал 39 милијарди долари. Таа предупреди дека е недозволива состојбата во која голем дел од паричните средства се пренасочуваат со финансиски трансакции кои од законска гледна точка се спорни. Во последно време централната банка ги одзема лиценците на многу банки, меѓу другото и поради сомнителни трансфери, додаде Набиулина.

Пекинг – Падот на вредноста на биткоинот продолжува по новите рестриктивни мерки на Кина кон оваа виртуелна монета. Курсот на биткоинот е намален на 417 долари што е пад од 65 отсто во однос на крајот на ноември. На почетокот на декември кинеската централна банка им забрани на банките да вршат трансакции во биткоини, со напомена дека тие немаат законски регулиран статус и дека не можат да се користат како валута.

Вашингтон – Најатрактивни пазари за меѓународни инвестиции во 2014 година ќе бидат Бразил, Кина и Индија, а по нив следат Обединетите Арапски Емирати, Катар и Чиле. Растот на овие економии, поголемиот профит и големината на пазарите се клучни причини поради кои генералните директори ги насочуваат инвестициите на компаниите кон овие пазари. Субвенциите и даночните бенефиции се само делумно релевантни за нивните одлуки. Корупцијата, криминалот и политичката нестабилност се најголеми пречки за директните странски инвестиции.

Сиетл – За да ги наградат своите акционери поради успешните деловни резултати во 2013 година, директорите на „Боинг“ авторизираа рекорден откуп на акции од сопствената компанија. На тој начин тие  сакаат дополнително да ја зголемат исплатата на дивиденди во март 2014 година. Со овој потег дивидендата на акциите на Боинг ќе порасне за уште 50 отсто, на 73 центи по акција и ќе биде исплатена на крајот на последниот квартал од фискалната година во март. Добрите резултати дојдоа како резултат на одличната продажба на некои модели на „Боинг“, како што е „Б787 Дримлајнер“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП