Во голем маркет никој веќе не прашува дали може да се плати со картичка. Купувачот ја доближува до терминалот, плаќа и си оди. Но, во маалските продавници, трафиките, пекарниците и малите дуќани низ Македонија сликата сè уште е поинаква. Некаде ПОС-терминал нема, а некаде ќе ви кажат дека за сметка од 100 или 150 денари подобро е да платите во готово. Причината што ја посочуваат малите трговци е проста: провизијата знае да изеде добар дел од и онака малата заработка.
Проблемот најмногу се чувствува кај производите на кои маржата е ниска. Цигари, телефонски дополнувања, весници, одредени прехранбени производи или ситни артикли од неколку десетици денари не му оставаат голем простор на продавачот.
Ако од секоја таква продажба треба дополнително да се одвои дел за трошоците поврзани со плаќањето со картичка, трговците прават проста пресметка. На крајот од месецот, кога ќе се соберат стотици или илјадници мали трансакции, сумата веќе не изгледа толку мала.
Во официјалните анализи на Народната банка уште претходно беше посочено дека врз прифаќањето на картичките влијаат и надоместоците што давателите на платежни услуги им ги наплаќаат на трговците за ПОС-инфраструктурата.
Економистите објаснуваат дека кај плаќањето со картичка не постои само еден трошок што важи подеднакво за сите продавници.
„Условите зависат од банката, прометот на трговецот, бројот на трансакции и договорот што го има склучено. Голем трговски синџир и мал дуќан со неколку десетици сметки дневно немаат иста преговарачка позиција“, објаснуваат познавачи на платниот промет.
Токму затоа малите трговци се почувствителни на секој дополнителен трошок. Ако некој купи производ од 50 или 100 денари, заработката на продавницата може да биде само неколку денари. Тука веќе секој денар се брои.
Од друга страна, купувачите сè повеќе очекуваат картичката да може да ја извадат практично насекаде. Податоците на Народната банка покажуваат дека користењето платежни картички на ПОС-терминали и во електронската трговија во 2024 година пораснало за 14,3 проценти. Трансакциите на ПОС-терминалите сочинувале 76,8 проценти од вкупниот број трансакции со платежни картички.
Тоа значи дека навиките на граѓаните веќе се менуваат побрзо отколку навиките во дел од малопродажбата.
Уште во 2023 година во Македонија имало 1,9 милиони платежни картички, а биле регистрирани повеќе од 32.000 физички ПОС-терминали. Дури 94,5 проценти од нив поддржувале и бесконтактно плаќање.
За купувачот дилемата е едноставна. Ако има картичка во паричникот или во телефонот, очекува да може да плати и кафе, и бурек, и сметка од 2.000 денари.
За малиот трговец математиката е поинаква.
„Никој не е против картичките. Прашањето е колку чини нивното прифаќање и дали тој трошок може да се покрие од заработката“, велат економистите.
Кај голем промет, трошокот полесно се распоредува. Кај продавница што живее од многу ситни сметки и тесни маржи, секој процент е повидлив.
Трендот, сепак, е јасен. Картичките сè повеќе го заменуваат кешот, а бројот на електронски плаќања расте. За малите продавници прашањето веќе не е толку дали ќе воведат плаќање со картичка, туку под какви услови ќе можат да го направат тоа без на крајот терминалот да им земе повеќе отколку што им носи.
Б.З.М.



