За една деценија просечната плата во земјава пораснала за 118%, но македонскиот работник останува меѓу најмалку платените во регионот. За сериозен раст на платите е потребен раст на економијата и на продуктивноста.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), просечната нето плата за февруари изнесува 48.779 денари, што ја поставува земјата на дното во споредба со државите од поранешна Југолсавија како Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија.
Во последните неколку години платите за прв пат имаа посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и недостигот на работна сила поради заминување во странство.
За реално да пораснат платите мора да порасне економијата. Како што велат економските експерти, траба економијата да расте со над 5 % годишно за да се види разлика.
Сепак, ова полека се менува. Работодавачите до неодамна едноставно штедеа на работниците бидејќи сметаа дека лесно може да ги заменат. Ова е се помалку застапено, компаниите сфатија дека е тешко да најдат и да задржат добар работник, особено квалификуван. Натамошниот пад на невработеноста ќе резултира со понатамошен раст на просечната плата.
Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за 118%.
Просечната плата во април 2016-та била 22.356 денари, а со последната обајава на Државниот завод за статистика, просечна плата во април 2026 изнесува 48.779 денари(791 евра).
И покрај континуираниот раст, Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата.
Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 1 040 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат 861 евра, во Црна Гора 1.029, во Хрватска 1.555 и во Словенија 1.689 евра месечно.



