Во текот на мојата кариера, односно целата кариера сум во банкарството, финансиските услуги и продажбата. Во тој период сум разговарал со илјадници луѓе кои земале кредити. И ако има една работа што ја научив, тоа е дека кредит не земаат само оние што немаат пари.
Всушност, многу често земаат кредит луѓе кои имаат стабилна работа, редовни приходи, па дури и заштеди на сметка.
На прв поглед тоа изгледа нелогично.
Зошто некој би се задолжил ако има пари?
Одговорот е едноставен. Луѓето не носат финансиски одлуки само со калкулатор. Ги носат со емоции, желби, стравови и очекувања.
Некој сака веднаш да го реновира домот наместо да штеди три години. Друг сака да купи автомобил денес затоа што му е потребен за работа. Трет сака да ја задржи заштедата за „црни денови“ и наместо тоа користи кредит.
Сето тоа може да биде разумна одлука.
Проблемот настанува кога кредитот станува навика. Кога секоја нова желба се претвора во нова рата. Кога одморот, телефонот, мебелот и секоја поголема набавка се финансираат со задолжување.
Тогаш кредитот престанува да биде алатка и почнува да биде товар.
Во пракса сум видел луѓе кои земале кредит за да инвестираат во образование, да започнат бизнис или да решат важен животен проблем. Тоа најчесто се кредити кои носат вредност.
Но сум видел и многу случаи каде што луѓето се задолжувале затоа што не сакале да почекаат неколку месеци за нешто што реално не им било неопходно.
Најголемата грешка не е самиот кредит. Најголемата грешка е кога човекот не знае зошто го зема.
Пред секое задолжување треба да си поставиме едно едноставно прашање: Ако немав можност да земам кредит, дали сепак ќе ја направев оваа набавка?
Одговорот на тоа прашање често е најдобриот финансиски совет што можеме да си го дадеме сами на себе.
Кредитот не е ниту добар ниту лош. Тој е само финансиска алатка.
Како и секоја алатка, може да помогне ако се користи правилно, но може и да создаде проблем ако се користи без јасна цел.
Затоа, следниот пат кога ќе помислите на кредит, не прашувајте само дали можете да го добиете. Прашајте се и дали навистина ви е потребен. Само тогаш ќе знаете дали носите финансиска одлука или емоционална.
Бранко Стојкоски



