25 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(28.01 – 01.02.2013)

 

По континуираниот раст на индексите и на цените на акциите во последните две недели, минатата недела дојде до извесна корекција во надолна линија на Македонската берза. Пред се, падот се јави како резултат на реализирањето на добивките на дел од инвеститорите кои беа воочливи за релативно краток период, како и поради стагнацијата во прометот со најликвидните акции. Вкупниот промет во петте трговски денови изнесуваше 40 милиони денари, во најголем дел реализиран кај тргувањето со акции (90% од прометот). Водечкиот индекс МБИ10 имаше неделен пад од -1,46%, додека МБИД, носен на крилата на „народните“ Арцелормиттал ХРМ и ЦРМ Скопје, Окта Скопје и Стопанска банка Скопје имаше изразит неделен раст од +4,29%.

Според реализираниот промет се издвои акцијата на Комерцијална банка Скопје која оствари неделен промет од 12,4 милиони денари. Комерцијална банка беше и првата компанија која го презентираше неревидираниот финансиски извештај за 2012 година, во кој нето добивката на банката е намалена за 48,2%, што се должи на порастот на резервациите на банката за лоши пласмани од 152,8% (1.929 милиони денари во апсолутен износ). Инаку банката бележи пораст на нето приходите од камати за 6,7% и на приходите од провизии и надоместоци од 5,4%. По објавувањето на финансиските извештаи, и покрај намалувањето на профитот во петокот на берзата се истргуваа 2.935 акции, а цената на акцијата забележа пад од -1,06%, па може да се претпостави дека инвеститорите во одреден обем веќе ги имале антиципирано овие финансиски резултати.

Покрај акцијата на Комерцијална банка Скопје, уште неколку акции забележаа неделен промет од над еден милион денари, што во услови на катастрофална ликвидност на македонскиот пазар на капитал секако дека е момент за одбележување. Акцијата на Македонски Телеком Скопје забележа промет од 4,9 милиони денари, Алкалоид Скопје од 2,5 милиони, Гранит Скопје 1,7 милиони, Макпетрол Скопје 1,3 милиони, Макстил Скопје 2,3 милиони, Кјуби Скопје 1,3 милиони и Раде Кончар Скопје 1,7 милиони денари.

На регионалните берзи. SBI10 неделата ја заврши со пораст од +0,77%. Crobex забележа минимален пад од -0,20%, Белградскиот Belex забележа пад од -1,54%, додека софискиот Sofix имаше неделен пораст од +1,36%.

Податоците за зголемувањето на бројот на новоотворени работни места во САД, посебно во земјоделскиот сектор, како и податоците на дел од компаниите за зголемена заработувачка во четвртиот квартал од 2012 придонесоа за нов пораст на индексите во САД, а позитивните влијанија се пренесоа и на европските берзи. DOW JONES имаше неделен пораст од +0,92%, NASDAQ од +0,79% а S&P 500 раст од +0,87%. Еврозоната забележа благо намалување на невработеноста, додека најнепријатно изненади Deutsche Bank која прикажа квартална загуба од 1 милијарда евра. DAX забележа минимален порас од +0,01% на неделно ниво, FTSE 100 ја затвори неделата со раст од +0,64%, додека францускиот CAC 40 имаше пад од -0,19%. Под влијание на позитивните годишни резултати што ги објавија повеќето јапонски компании, индексот NIKKEI 225 имаше неделен пораст од +3,41%, додека HANG-SENG имаше неделен раст од +0,21%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП