Од утре па сѐ до средината на ноември Туркије ќе биде претворена во една голема и богата културна сцена. Бројни концерти, изложби, театарски претстави, но и разговори и работилници, ќе се одржуваат низ 26 градови на државата, во рамки на годинешното издание на Фестивалите на културната рута. Оваа манифестација е престижна членка на Европската асоцијација на фестивали (EFA), а предвидената програма за оваа година има најширок опфат досега. Во претстојните неколку месеци локалните и меѓународните туристи ќе имаат можност детално да се запознаат со културното наследство на Туркије.
Организирани од турското Министерство за култура и туризам, Фестивалите на културната рута стартуваа во 2021 година, со фестивалот во Бејоглу, по што брзо се проширија низ целата земја. До 2025 година, манифестацијата опфати 20 градови, со 9.645 настани и учество на 50.400 уметници во текот на 180 дена. Сезоната за 2026 година, пак, се очекува да биде најамбициозна досега, со времетраење од 234 дена и опфат од 26 региони низ целата земја. Програмата ги вклучува Шанлиурфа, Маниса, Трабзон, Самсун, Бурса, Ван, Коња, Невшехир, Малатија, Ерзурум, Чанаккале, Кајсери, Анкара, Истанбул, Газиантеп, Дијарбакир, Мардин, Измир, Анталија и Адана, кои и досега беа дел од платформата, а шесте нови градови што се приклучуваат на календарот за оваа година се Ајдин, Ескишехир, Кахраманмараш, Мерсин, Орду и Сакарија. Годинашново издание ќе почне утре, 25 април, во Шанлиурфа, и ќе заврши во Адана на 15 ноември.



