ПочетнаКОЛУМНИВлатко Сулев: Преку развој на Агро-еко туризмот до зачувување на традицијата и...

Влатко Сулев: Преку развој на Агро-еко туризмот до зачувување на традицијата и остварување сигурни приходи!

Светските туристички трендови драстично се менуваат. Некои популарни туристички дестинации преку ноќ “излегуваат од игра” од различни причини, а нови дестинации инстантно се наметнуваат. Дубаи е out, за Малага и Истра увелико се зборува. Се “плетат” нови туристички шеми!

Исто така несомнен факт е дека денес сè поголем е бројот на туристи кои избегнуваат големи луксузни хотели и монденски летувалиша, а се во потрага по специфично лично искуство. Бараат автентичност, локална култура, сакаат да вкусат храна каква што не пробале досега, да видат природа каква што нема во нивната матична земја, да запознаат луѓе различни од нив. Истражуваат на интернет, следат препораки и прават планови.

Туристите кои доаѓаат од голема европска или азиска метропола, сакаат да доживеат емоција, нешто што ќе ги погоди во срце. Преферираат автентични искуства, се воодушевуваат кога ќе слушнат приказни стари илјадници години, кога учествуваат во берба на грозје или јаболка, или кога ќе им се овозможи да научат како се прави домашно сирење или ајвар, да дегустираат вино директно од буре, да слушнат локални приказни итн…Слични тури организираме во Умин Дол кумановско, во Преспа, соработуваме со жените хероини во туризмот. Токму овие активности се во срцето на агро-еко туризмот, форма на туризам која ги поврзува земјоделството, традицијата и локалните заедници.

Нашите села, земјоделие, нашата кујна, езера, планини и традиции се богатство кое може да се претвори во економска можност за локалните заедници. A ние тоа го имаме! Но потенцијалот сам по себе не е доволен. Потребен е систем што ќе ги мотивира луѓето да инвестираат, да создаваат и да веруваат дека туризмот може да биде реален извор на приходи и развој.

Вакви 20, 30, 40 домаќинства, семејни бизниси треба да се стават на туристичката мапа, да бидат дигитализирани, некој системски да ги нуди како туристичка понуда.

Туристите преферираат се да биде организирано, од пречек на аеродром, транспорт до локации, едуциран водич, да слушнат реални приказни…и сешто друго до крајот на посетата.

Тоа бара современиот турист!

Во многу европски земји агро туризмот е веќе сериозна индустрија. Слични модели успешно функционираат во региони како Тоскана во Италија или Истра во Хрватска, каде руралниот туризам создава значајни приходи за локалното население.

Зошто тоа да не биде возможно и кај нас?

За поздравување е иницијативата на Земјоделскиот институт кој заедно со повеќе локални производители и домаќинства, семејни бизниси нуди нешто во организирана форма.

Ние не треба да инвестираме во скапи сместувачки капацитети, туку само да го нашминкаме она што веќе го имаме, автентично македонско село, добра храна и топло гостопримство.

Агро-еко туризмот не е само можност за развој на туризмот. Тој е и можност за нов живот на руралните средини, за дополнителни приходи за земјоделците и за зачувување на традицијата и локалниот идентитет.

Понекогаш најголемата вредност што една земја може да им ја понуди на посетителите не е луксузот, туку автентичноста. А токму тоа Македонија го има во изобилство.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП