Најголемиот светски увозник на сурова нафта, Кина, е подготвена да ги искористи своите огромни комерцијални резерви на нафта, бидејќи војната на Блискиот Исток не покажува знаци на завршување, според прогнозата на индустриската консултантска куќа „FGE NexantECA“.
Рафинериите би можеле да почнат да трошат и до 1 милион барели дневно во следните четири до шест недели, изјави компанијата за „Bloomberg“. На рафинериите, особено во јужна Кина, би можело да им биде дозволено да ги искористат комерцијалните резерви за да го ограничат обемот на намалување на производството или да спречат затворање, велат консултантите.
Тоа е лост што Кина може да си го дозволи. По повеќе од една година агресивно складирање, Пекинг има околу 1,4 милијарди барели резерви на нафта што би можел да ги користи ако Ормутскиот теснец остане затворен. Стратешките резерви веројатно ќе останат недопрени, но дури и повлекувањето на комерцијалните резерви би барало серија внатрешни одобренија.

„Со оглед на времето на испорака, сè уште е малку рано нарушувањата во Персискиот Залив да се почувствуваат во Кина. Залихите на сурова нафта на копно во Кина се намалија за околу 7 милиони барели помеѓу 5-ти март и 16-ти март, но тоа би можеле да бидат само „нормални краткорочни флуктуации“, рече Антоан Халф, коосновач и главен аналитичар во фирмата за геопросторна аналитика „Kayrros“.
„Kayrros“ претходно овој месец процени дека копнените комерцијални резерви на Кина се 851 милион барели, а стратешките резерви се 413 милиони барели. Ерика Даунс, виш соработник во Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија, минатата недела изјави дека резервите се околу 1,4 милијарди барели.
Пекинг им нареди на своите најголеми рафинерии да го ограничат извозот на гориво во првата недела од војната, а „Sinopec“ ги намали операциите. „Rystad Energy“ очекува намалувања од 400.000 до 800.000 барели дневно низ целата земја во март и април, додека „FGE“ очекува намалувања од 1,5 милиони барели дневно почнувајќи од оваа недела.
Кинеската компанија „GL Consulting“ изјави дека ваквите мерки веројатно се „превентивни“, при што се очекува државните рафинерии да дадат приоритет на производството на бензин и дизел пред хемикалиите за да обезбедат домашно снабдување со гориво.
„Влијанието на прекините веројатно ќе се почувствува постепено од крајот на март до почетокот на април“, велат од „GL“.
Државните рафинерии, кои повеќе се потпираат на сурова нафта од Блискиот Исток, веројатно први ќе го почувствуваат притисокот, додека независните рафинерии ќе го одржат производството за да ги искористат повисоките домашни цени на горивото. Тие полесно можат да набавуваат иранска и руска нафта, иако се соочуваат со зголемена конкуренција од Индија за руска нафта.
Засега, Пекинг се чини дека дава приоритет на ограничувањето на извозот и наведувањето на рафинериите да ги користат своите резерви локално, вели Даунс од Универзитетот Колумбија.
„Претпоставувам дека Кина ќе се воздржи од притисокот да ги користи своите резерви на нафта колку што може подолго“, вели таа.



